Skip to main content

Клековски: Целосна поддршка од ФЗОМ за финализирање на долгоочекуваниот нов објект на болницата Св. Еразмо

„Болницата Св.Еразмо е одличен пример како со човечки фактор, стручност и огромна посветеност може да се постигнат врвни резултати дури и во ограничени услови,“ порача Клековски, упатувајќи благодарност до медицинскиот персонал за нивната пожртвуваност.
 |  инфодеск  | 

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, при работната посета на Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, најави целосна поддршка за финализирање на долгоочекуваниот нов болнички објект.

Клековски ја опиша болницата како една од македонските „здравствени Пепелашки“ , институции каде врвната стручност и професионализам опстојуваат и покрај работата во стари објекти и предизвикувачки услови .

Новиот објект на болницата, кој иако е 95% завршен, стои во место уште од 2017 година. Раководството на „Св. Еразмо“ е решено објектот конечно да се комплетира во текот на оваа година, за што Клековски вети целосна институционална поддршка од ФЗОМ.

Со ставањето во функција на новиот објект, „Св. Еразмо“ се очекува да го зацврсти својот статус на регионален лидер кој опслужува пациенти од целиот југозападен регион, нудејќи здравствена услуга на европско ниво.

Болницата „Св. Еразмо“, основана во 1950 година, денес е регионален лидер во ортопедија, трауматологија и неврохирургија, најголем (според број на интервенции) надвор од Скопје.

Клековски ги истакна клучните столбови по кои оваа болница е препознатлива:

✅ Ортопедија: протези на колк и на колено, артроскопија на рамо и колено, скоро комплетна палета на оперативни зафати од ортопедска хирургија,

✅ Илизаров метод за продолжување на екстремитети или решавање на несраснаати/инфицирани фрактури на долги коски

✅ Трауматологија: комплетна хирургија и решавање на сите фрактури на долги коски, цела палета на спортска медицина

✅ Неврохирургија: мозочни крварења, спинална хирургија (дискови, стенози на ‘рбетен канал, фрактури на ‘рбетен столб), тумори на мозок

✅ Радио дијагностика (магнет, компјутерска томографија); Видеоларингоскопија, фибероптичка бронхоскопија

✅ Интензивна нега со механичка вентилација

✅ Физикална медицина и рехабилитација: комплетна палета + базен

„Ова е одличен пример како со човечки фактор, стручност и огромна посветеност може да се постигнат врвни резултати дури и во ограничени услови,“ порача Клековски, упатувајќи благодарност до медицинскиот персонал за нивната пожртвуваност.