Поради зачестени пријави за пожари на отворен простор, СВР Охрид, ќе ги интензивира превентивните активности и контактите со граѓани и институции, со цел подигнување на јавната свест за потребата од заштита на шумите од пожари и спречување на пожари на отворен простор.
–Вчера полициски службеници контактираа со претставници од месната заедница во селото Издеглавје како и со други жители на општината Дебрца и низ кратки разговори, ги информираа за општите мерки за заштита од пожар, за посебните превентивни мерки и препораки за заштита на шумите од пожари при движење низ шумските појаси како и за казнените одредби по овие основи, соопштија од СВР Охрид.
Полициските службеници, притоа, посебно ја нагласиле потребата од итно известување за евентуално настанат пожар што ќе значи брза реакција на надлежните служби за негово локализирање и гаснење.