Skip to main content

Една година од трагедијата во Кочани – „63 столчиња со бела роза за недовршените соништа на загинатите“

„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“, е пораката со која семејствата на загинатите ги пречекаа присутните пред Домот на културата „Бели мугри“ во Кочани.
 |  инфодеск  | 

Денеска се навршува една година од стравичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Утрово во паркот на револуцијата во Кочани беа поставени 63 бели столчиња со по една бела роза на нив во чест на 63-те млади луѓе кои загинаа во „Пулс“.

„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“, е пораката со која семејствата на загинатите ги пречекаа присутните пред Домот на културата „Бели мугри“ во Кочани.

Пред овој визуелен споменик, посветен на недовршените соништа на прерано починатите, отворена е и книга на жалост.

Настанот, организиран од Општина Кочани и од родителите на загинатите, претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.

Предходно, 2,30 часот по полноќ, времето на започнувањето на пожарот во дискотеката, родители, роднини и блиски на жртвите и повредните се собраа во Кочани, пред објектот и со едноминутен молк им одадоа почит на загинатите.

„Не сте само спомен — вие сте љубов“, порачаа од Здружението на граѓани 16 март 2025.

Една од најголемите трагедии во поновата македонска историја се одбележа со повеќе настани во текот на минатата недела меѓу кои и Меѓународна конференција „Институционалните и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, на која беа презентирани искуствата на здравствениот систем и системските решенија што треба да ја направат нашата држава институционално поподготвена во иднина.