По повеќе од шест децении, конечно ќе се реконструира студентскиот дом „Никола Карев” во Охрид. Според најавите, модернизацијата на објектот се очекува да започне во средината на месец јули, а ќе опфати целосно уредување на просториите и подобрување на условите за престој на студентите.
Со овој проект се очекува зголемување на бројот на студенти и надминување на финансиските потешкотии.
„Ќе се реновира целосно студентскиот дом – собите, кујната, рецепцијата, ресторанот, канцелариите и надворешниот изглед. Ќе има нова фасада, ќе се постават соларни панели, а ќе се воведе и централно греење и ладење”, вели Жарко Куциноски, директор на студентски дом „Никола Карев”
Бројот на студенти кои престојуваат во студентскиот дом со години се намалува. Дел од причините, покрај миграцијата на младите, се и застарените услови за сместување.
„Студентскиот дом „Никола Карев” располага со капацитет од 240 легла, од кои во моментов престојуваат околу 112 студенти. Од нив 63 студенти плаќаат партиципација, 20 се ослободени од плаќање. Тоа значи дека немаме ни 50 проценти исполнетост на капацитетот на студентскиот дом.”, додава Куционоски.
Објектот, кој некогаш беше депанданс на хотел „Палас”, се наоѓа на една од најатрактивните локации на брегот на Охридското Езеро. Со модернизацијата, освен подобри услови за студентите, се очекува домот во иднина да ги зголеми приходите и од сместување на туристи.
Новинар Соња Рилковска