Донесена Програма за субвенционирање на јавните претпријатија
Општина Охрид во иднина ќе ги субвенционира Јавните претпријатија согласно утврдена програма со која ќе се уредува условите и постапката за доделување на финансиски средства на претпријатијата. Советот на последната седница ја усвои предлог програмата за 2026та год.

Опозицијата со став дека програмата за субвенционирање на јавните претпријатија, треба сериозно да се конципира за средствата да се користат за развој на претпријатијата.
– Најголем дел од субвенциите до сега се трошеа, најверојатно најголем дел не сите, за консолидирање на финансиското работење на јавните претпријатија односно да може да се дадат плати. Ако не беа тие субвенции од 6 јавни претпријатија 4 ќе беа со минусно салдо. Значи без овие субвенции, јавните претпријатија не можат, некои и со субвенции, некои и без субвенции, да работат ликвидно. Целта на субвенциите не треба да биде консолидирање на финансиското работење на претпријатијата, туку да се даваат овие средства за конкретни проекти коишто ќе донесат дополнителна вредност, рече Ванчо Костоски од ВМРО-НП.
Субвенциите досега се даваа селективно, без никакви услови и принципи, рече советникот Иван Димкоски од СДСМ кој воедно предложи во програмата за субвенционирање да се конкретизират условите особено за јавните претпријатија кои номинално покажуваат добивка со цел да се стимулира инвестирање.
– Ќе се повикам на одредбата од Законот за јавни претпријатија којашто е доста конструктивна и ја разработува инвестиционата можност, место да се акумулираат добивки, истите да се предвидат и да се инвестираат, ќе се користат наменски и ќе донесат додадена вредност на претпријатијата. Затоа сметам дека треба овие посебни услови да ги донесиме и тоа: услов за остварување на ова право на јавните претпријатија кои прикажале вишок во завршната сметка за изминатата година е изготвување на инвестициска програма со опфатени или предвидени најмалку 70% на средствата од вишок односно добивката, кажа Димкоски.
Секретарот на Општина Охрид Александар Китески посочи дека во предлог програмата се наведува дека за постапката за доделување средства јавните претпријатија доставуваат барање за субвенции, финансиски план и програма за работа со образложение за потребата од средствата.
– Со ова програма ќе се знае точно за што се искористуваат средства што им се даваат на јавните претпријатија како субвенции. Во истата се наведува дека стручните служби на општината ја анализираат потребата и оправданоста. Одлуката за доделување на средства ја донесува Советот на Општината на предлог на Градоначалникот. Значи откако Градоначалникот ќе добие барање со финансиски план и програма за работа, по анализата дали има потреба од таква субвенција, ќе се носи предлог одлука и ќе се достави до советниците. Советот ќе носи одлука за што ќе се користат средствата, рече Китески.
Советот на општина Охрид на последната седница ја изгласа предлог програмата за субвенционирање на јавните претпријатија тешка околу 36 мил. денари или 590 илјади евра.
Инаку носењето на посебна програма за субвенционирање на јавните претпријатија произлезе од препораките дадени во последниот извештај на Државниот завод за ревизија кој се однесува на 2024 година .
-Од страна на општината исплатени се субвенции за јавните претпријатија во вкупен износ од 592 илјади евра, без претходно обезбедена согласност од Советот и донесена Програма за субвенционирање. Средства се наменети за сервисирање на доспеани обврски, односно тековно оперативните трошоци и инвестициони вложувања, а исплатите се вршени по некомплетни барања и документација за извршениот обем на активности од годишниот план за работа на јавните претпријатија, нотираа ревизорите во извештајот.