Skip to main content

Црвен крст Охрид има бројно крводарителско семејство – доделени признанија на заслужни крводарители, поединци и институции

Над 200 крводарители од Охрид и Дебрца во 2025 година оствариле јубилејни 50, 25, 10 и 5 крводарувања.
 |  Маја Савиќ  | 

По повод 17 март, Денот на крводарителството и Денот на Црвениот крст на Македонија, Црвен крст Охрид, на пригодна свеченост им додели признанија на заслужни крводарители, поединци и институции кои придонеле за развој и унапредување на крводарителството во Охрид и Дебрца во 2025 година.

Аце Карајованоски и Ѓоко Апостолов го заокружија 50-тото јубилејно дарување крв. Велат дека започнале во средношколските денови за низ годините таа детска љубопитност да прерасне во хуман повик кој трае до денес.

Прв пат дарував како средношколец од онаа средношколска радозналост можеби, ајде нема да одиме два дена на училиште, но после тоа преминува некако во крвта да бидеме хумани, да помагаме, бидејќи не се работи само за тие два дена како што сме мислеле како деца, таа крв за некого значи многу, за некого значи живот . И кога ќе ги видите оние насмевки на лица на кои сте помогнале и сте дале надеж на нивните семејства тогаш знаете дека дарувате многу повеќе од крв, сте дарувале живот некому, изјави Аце Карајованоски – крводарител.

Деца, поинтересни ни беа слободните денови што ќе ги добиеме, но откако завршив факултет почнав поактивно да дарувам крв на секои три месеци . Нормално побудата е тоа што знаеме дека со тоа спасуваме нечиј живот, помагаме. Од друга страна , лично јас се чувствувам многу пријатно по секое дарување и со оглед на мојата здравствена состојба која бара да дарувам крв бидејќи имам појака крв, меѓутоа во секој случај да се стигне до бројка 50 крводарувања на некој начин е една цел која долги години се посакува и очекува. И сега од овој аспект всушност можам да сфатам дека не се и малку 50 дарувања тоа се можеби 50 шанси за живот и се чувствувам навистина горд., изјави Ѓоко Апостолов -крводарител.

Над 200 крводарители од Охрид и Дебрца во 2025 година оствариле јубилејни 50, 25, 10 и 5 крводарувања. Седум крводарители оствариле 50 дарувања, дваесет и тројца 25 крводарувања, шеесет и шест 10 крводарувања и сто и осумнаесет имале 5 крводарувања.

Како резултат на хуманоста на крводарителите, постојаната ангажираност на вработените и волонтерите на Црвен крст Охрид и службите за трансфузиона медицина, преку крводарителски акции во текот на годината, се задоволуваат потребите од крв и крвни продукти за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во Охридскиот регион. Хуманоста што ја покажуваат нашите крводарители преку доброволно дарување крв, придонесува да бидат спасени многу човечки животи, вели претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков.

Со сигурност кажувам дека за овој регион Охрид и Дебрца, во сите здравствени установи беа обезбедени доволно количини на крв за лекување на оние кои имаат потреба. Јавно искажувам благодарност до сите крводарители, до сте оние кои во овие тешки времиња ја избрале хуманоста како предизвик за да се следи онаа визија за подобро и похумано општество и кои даруваат она што е највредно, тоа е крвта, лек кој се обезбедува само со дарување, кажа Точков.

На територија на Охрид во 2025 год. на 18 редовни и 4 вонредни крводарителски акции се собрани 1623 единици крв. На ниво на државата се собрани над 55 000 единици крв што е повеќе од планираното.