Skip to main content

Неопходни се итни реформи за спас и модернизација на јавните комунални претпријатија

Комуналните претпријатија во земјава се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и недостиг на кадар. Застарената инфраструктура и ниските плати дополнително ја влошуваат состојбата. Експертите предупредуваат дека без итни реформи, системот може да остане без неопходна работна сила.
 |  инфодеск  | 

Комуналните претпријатија во земјава се соочуваат со финансиски потешкотии и натрупани долгови. Причините се недомаќинско работење, ниските цени на услугите, како и застарената инфраструктура. Сето тоа директно влијае врз ефикасноста и квалитетот на услугите кон граѓаните.

– Дел од тие причини се застарената инфраструктура, недостигот на квалификуван кадар и некоординацијата меѓу институциите, вели Горан Степаноски, член на УО на АДКОМ.

Во комуналните претпријатија работната сила старее, а недостигаат млади професионалци. Најмногу недостига обичниот работник, а причините се ниските плати.

– Една од причините можеби се и ниските плати што ги нудат самите претпријатија и токму поради тоа се неатрактивни за младите луѓе, вели Гоце Ангеловски, член на УП на АДКОМ.

Недостасуваат луѓе од типот на градежни инженери, како и стручни лица во делот на уредување на зелените површини.

-Анализата покажува дека само 2 % од вработените во комуналниот сектор се млади. Тоа значи дека над 40 % во следните години ќе се пензионираат, што може да доведе до недостиг на кадар за одржување на системите, вели Јане Вртески, проект менаџер во АДКОМ.

Состојбата во комуналните претпријатија укажува дека се потребни итни и суштински реформи, подобро управување и поголеми вложувања во човечки ресурси, опрема и инфраструктура.

Денеска во Охрид се одржа настанот „Денови на АДКОМ – Денови на комунални услуги“, организиран од Здружението на даватели на комунални услуги, кој ги собра претставниците на институциите, јавните комунални претпријатија, локалната самоуправа и меѓународни експерти за дискусија за предизвиците и реформите во комуналниот сектор.

Новинар Соња Рилковска