Skip to main content

Новиот државен обвинител Ненад Савески даде свечена изјава

Ненад Савески денес ја презеде функцијата државен обвинител.
 |  инфодеск  | 

Новиот државен обвинител Ненад Савески денеска дадe свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши и официјално стапи на функцијата, откако вчера доби поддршка од пратениците со 66 гласа за, двајца против и осум воздржани.

„Ова е голема одговорност и сакам да ги повикам сите јавни обвинители кои и додека ја давам оваа изјава ја извршуваат својата работа. Нивната работа ниту почнува ниту завршува со мене. Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив. Убеден сум дека заедно ќе ги исполниме очекувањата на граѓаните, во чие име постапуваме согласно Уставот и законите“, изјави Савески.

Тој им се заблагодари и на своите довчерашни колеги – судиите од Основниот кривичен суд Скопје, како и на Владата што го предложи и на пратениците што го поддржаа.

Новиот Државен обвинител кажа дека за борба против криминалот Обвинителството треба да има поголема финансиска поддршка, и тоа е она за што ќе се залага во неговиот мандат.  На прашањето како го коментира фактот што пратениците од опозицијата не го гласаа неговиот избор во Собранието, рече дека политичките партии не се предмет на негов интерес.

Ненад Савески е роден 1976, живее во Гостивар и е магистер по правни науки за казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003. Од 2016 е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во Одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 работел како судски приправник.