Skip to main content

Честитка по повод Рамазан Бајрам од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков

Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на Охрид и Македонија, вели градоначалникот на Охрид во честитката по повод Рамазан Бајрам.
 |  инфодеск  | 

По повод празникот Рамазан Бајрам, Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков упати честитки до Муфтијата Самет Ајдари, до членовите на Исламската верска заедница и до сите граѓани од исламска вероисповед.

‎-Честитајќи Ви го празникот, Ви посакувам и сите други месеци од годината да ви бидат исполнети со вредностите и благодетите на најблагородниот и најсреќниот месец за Вас, месецот Рамазан. Вербата во Бога да нè води кон вистинскиот пат и постојано меѓу луѓето да владее слога и почитување без разлика на верската или каква било друга определба, се вели во честитката.

‎Рамазан Бајрам е празник кој нè потсетува на важноста на солидарноста, толеранцијата и заедништвото, додава Пецаков и посочува дека со чествување на празникот се потврдува столетната традиција на пријателство, единство и хармонија во нашата татковина.

‎-Посакувам празничните денови да ги поминете во мир и хармонија исполнети со среќа и радост, споделувајќи љубов со ближните. Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја. Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на Охрид и Македонија, вели градоначалникот на Охрид во честитката по повод Рамазан Бајрам.