Почина Чак Норис
На 86-годишна возраст вчера почина холивудскиот и легендарен актер, Чак Норис, по ненадејно влошување на неговата здравствена состојба. Веста ја потврди неговото семејство преку Инстаграм објава, откако актерот ден претходно беше хоспитализиран на Хаваи.
Чак Норис зад себе остави богато филмско и телевизиско наследство, а неговото семејство во емотивна изјава порача дека живеел со цел и со непоколеблива посветеност кон оние што ги сакал.
„За светот, тој беше боречки уметник, актер и симбол на сила. За нас, тој беше посветен сопруг, грижлив татко и дедо, неверојатен брат и срцето на нашето семејство“, се наведува во пораката.
Тие додаваат дека неговиот живот бил воден од вера, цел и непоколеблива посветеност кон луѓето што ги сакал, а преку својата работа, дисциплина и човечност инспирирал милиони ширум светот. Семејството истакна дека, иако нивните срца се скршени, чувствуваат длабока благодарност за животот што го живеел и за спомените што ги споделиле со него. Особено ја нагласуваат поддршката од обожавателите, кои, како што велат, за Норис не биле само публика, туку пријатели.
Роден во Оклахома во 1940 година, Норис служел во воздухопловните сили на САД од 1958 до 1962 година. Во текот на својот живот бил двапати женет и имал пет деца. Чак Норис има богата историја на филмското платно, со незаборавни улоги во акциски филмови како „Way of the Dragon“, „Missing in Action“ и „The Delta Force“.