Skip to main content

Еко свест Вевчани сподели „фатени моменти“ од кафеавата мечка на Јабланица

„Овие видеа не се само интересни кадри од дивината, туку претставуваат важна алатка за разбирање на однесувањето на мечките и основа за понатамошни активности за нивна заштита“, велат од организацијата.
 |  инфодеск  | 

По повод Светскиот ден на кафевата мечка, Еко свест Вевчани објави видеа снимени со фото-замки на планината Јабланица, на кои се забележува присуство на кафевата мечка.

Од организацијата информираат дека снимките се дел од подолгорочен процес на мониторинг, кој има за цел да обезбеди релевантни податоци за движењето, бројноста и состојбата на мечките во овој регион.

„Овие видеа не се само интересни кадри од дивината, туку претставуваат важна алатка за разбирање на однесувањето на мечките и основа за понатамошни активности за нивна заштита“, велат од организацијата.

Покрај мониторингот, најавени се и конкретни мерки насочени кон намалување на ризиците за локалното население.

Во делот на заштита на пчеларите, се планира поставување електрични огради околу пчелните кошници, со цел да се спречат штети од мечки на хуман и ефикасен начин.

Исто така, предвидено е поставување сообраќајна сигнализација на критични точки каде што мечките најчесто се движат, со што би се намалил ризикот од судири на патиштата.

Како еден од клучните проблеми се посочува отпадот, кој често ги привлекува мечките во населени места. Во таа насока, се најавува воведување контејнери отпорни на отворање од мечки, со цел да се спречат несакани блиски средби со мечки во близина на куќите/викендиците.

Од Еко свест Вевчани потенцираат дека кафевата мечка е симбол на здрава животна средина, а нивната цел е планината Јабланица да стане пример за одржлив соживот меѓу човекот и дивиот свет.

Распространетоста на мечката во Македонија е ограничена и нерамномерна , а достапните податоци за нејзината бројност главно доаѓаат од повремени мониторинзи. Кафевата мечка е присутна главно во западните, јужните и југозападните делови на земјата.