Skip to main content

зоо скопје

Во Зоолошка градина Скопје се родија две близначиња лемури

Лемурите се примати кои потекнуваат од Мадагаскар и се познати по своите долги опашки, големи очи и силно развиено чувство за заедница.
 |  инфодеск  | 

Од Зоолошката градина Скопје информираат дека се родија две преслатки близначиња лемури, кои веќе го разубавуваат своето живеалиште со разиграноста и љубопитноста.

Инаку, лемурите се примати кои потекнуваат од Мадагаскар и се познати по своите долги опашки, големи очи и силно развиено чувство за заедница. Тие живеат во групи, комуницираат со звуци и мириси, а мајките се исклучително грижливи, носејќи ги своите младенчиња постојано со себе, а интересно е што кај нив владее матријархат – женките се главни во своите групи.

Овие нови животи се уште еден доказ за успешната грижа и посветеност на тимот на Зоолошка градина Скопје, кој континуирано работи на добробитта и развојот на животинските видови во својот парк.

Според податоците од Меѓународното здружение за заштита на природата (IUCN) околу 98% од видовите лемури се загрозени од исчезнување, а значителен дел од нив се критично загрозени. Лемурите се сметаат за најзагрозената група цицачи во светот. Главните причини за нивно намалување се уништување на шумите, лов, нелегална трговија и климатски промени. Кај некои видови падот е драматичен, со намалување на популацијата за повеќе од 90% во последните децении.

Иако постојат одредени напори за заштита и локални подобрувања, тие засега не се доволни за да го променат глобалниот тренд на опаѓање.