Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, информираше дека денес на брегот на Охридското Езеро кај селото Оровник започната е историска еколошка акција за чистење на плажата „Дебрца“.


-Заедно со нашите партнери, ја покажавме силата на заедништвото: Општина Дебрца, АКВАТЕК Охрид, Воден Свет Преспа Охрид и СОС Балкан Медиа Охрид – обединети со една цел – зачувување на нашето езеро. Оваа акција е резултат на силна лична заложба и јасна визија – екологијата да не биде само збор, туку конкретна акција со долгорочно влијание. Сликата која ја затекнавме беше загрижувачка – пластика, гуми, текстил и разновиден отпад распослан долж целиот брег, дел и во самото езеро, како директна закана за биодиверзитетот, се вели во објавата на градоначалникот Сиљаноски.

Во неговото сопштение додаде дека првиот ден собрани се над 12 кубни метри отпад и потенцира дека Охридското Езеро е светско природно наследство на УНЕСКО и наша должност е да го заштитиме и сочуваме за идните генерации.
Инаку, утре за прв пат ќе биде реализирано подводно чистење на дното на езерото кај оваа плажа.
-Плажата „Дебрца“ кај Оровник има огромен потенцијал – природна убавина, мирна околина и уникатен поглед кон аеродромот „Свети Апостол Павле“ – простор кој заслужува да стане нова туристичка атракција. Охридското Езеро е природно наследство на целото човештво. Наша должност е да го предадеме почисто отколку што го добивме. Ова не е еднократна акција – ова е почеток на нова ера за плажата „Дебрца“ и за нашата општина, вели Сиљаноски.