ЈП „Комунално” им даде рок на неплаќачите до 6 април ди си ги подмират долговите
ЈП „Комунално” Струга започна кампања за подмирување на заостанатите долгови, упатувајќи апел до граѓаните и деловните субјекти навремено да платат. Како и останатите ЈП и Комунално Струга се соочува со сериозни финансиски предизвици, при што вкупниот долг се проценува на речиси еден милион евра.
Од претпријатието потсетуваат дека одржувањето на чиста и уредна животна средина е резултат на секојдневната работа на комуналните работници.
Редовното плаќање на обврските не е само законска должност, туку и одговорност. Во меѓувреме, новото раководство најавува промени во работењето и подобрување на состојбите во претпријатието.
„Мојата цел во јавното претпријатие „Комунално” е ние како претпријатие да ја финансираме општината, а не општината да не финансира нас. Тоа е мојата единствена цел. Нормално, чистењето на градот исто така треба да биде на ниво и во тој правец работиме. Во првите денови откако ја презедов функцијата директор, само два камиони беа во функција за собирање на смет. Во моментов, сите седум камиони се активни. Исто така, добивме донација – два мали камиони”, изјави Ресул Чолаку, директор на ЈП „Комунално” Струга.
Од претпријатието најавуваат и подновување на возниот парк, со цел поефикасно извршување на комуналните услуги. Велат долгот е намален за 1 600 илјади денари.
„Дополнително, добивме една голема цистерна и очекуваме до крајот на годината уште една помала цистерна. Во очекување сме и на уште два камиона од странство, како донација од нашата дијаспора, особено од Италија и Швајцарија. За подетални информации, јавноста ќе биде дополнително информирана. Како што кажа и градоначалникот, сите овие долгови ќе бидат детално презентирани во наредниот период”, изјави Чолаку.
Од претпријатието ги повикуваат сите корисници навремено да се обратат во нивните канцеларии и да ги регулираат долговите, во спротивно ќе се покренат постапки за извршување кон должниците.
Новинар Соња Рилковска


