Skip to main content

Промоција на голфот како спорт за сите генерации

Голф клуб Охрид со иницијатива за збогатување на спортскиот живот на најмладите

Активности за промоција на голфот како спорт достапен за сите генерации започнаа во охридските училишта на иницијатива на Голф Клуб Охрид.
 |  инфодеск  | 

Активности за промоција на голфот како спорт достапен за сите генерации започнаа во охридските училишта. Иницијативата е на Голф Клуб Охрид и има за цел да го доближи овој спорт до најмладите и да понуди нови можности за нивен правилен психофизички развој во време кога децата се соочуваат со предизвиците на дигиталната ера.

Во рамки на проектот, успешно се реализирани првите едукативни презентации во ООУ „Григор Прличев“ и ООУ „Христо Узунов“ во Охрид, каде учениците од 4-то и 5-то одделение во рамки на часовите за физичко образование имаа можност одблизу да се запознаат со основите на голфот.

Презентациите беа изведени од инструктор, на интерактивен и забавен начин, со користење на безбедна и сертифицирана опрема.

„Интересот и реакциите кај учениците се позитивни. Целта не е само промоција на голфот како спорт, туку и да поттикнеме развој на дисциплина, концентрација и фер-плеј кај младите“, велат од клубот.

Иницијативата е дел од новата 5-месечна програма на школата за голф, која се реализира на голф теренот во Охрид.

Програмата е наменета за деца на возраст од 10 до 15 години и комбинира спортска обука со искусни ментори во пријатна и здрава средина со едукативен пристап насочен кон градење карактер преку: ментална дисциплина: развој на длабока концентрација и стратешко размислување; eмоционална контрола: учење на трпение и справување со успех и неуспех (т.н. „џентлменски кодекс“); cоцијализација на отворено: активност во природа со целосно обезбедена опрема, информираат од клубот.

Од Голф Клуб Охрид најавуваат дека активностите ќе продолжат и во останатите училишта во градот, со цел што поголем број ученици да се запознаат со придобивките од овој спорт. Наредниве денови презентација ќе се одржи и во ООУ „Св Климент Охридски“ и ООУ „Кочо Рацин“.