Интензивно се уредува просторот кај изворите Горно Поле во Велмеј
Во тек се интензивни активности за уредување на просторот кај изворите Горно Поле во селото Велмеј, Општина Дебрца, со цел оваа локација да прерасне во попривлечно место за одмор и рекреација во природа.
Станува збор за природен локалитет кој се одликува со чиста вода, богато зеленило и мирна околина, што го прави еден од поатрактивните простори во општина Дебрца.

Од локалната самоуправа информираат дека со внимателно планирање и континуирана работа се врши унапредување на просторот, при што посебен акцент се става на зачувување на природните вредности.
„Водата, зеленилото и мирот што го нуди оваа локација се непроценливо богатство кое го негуваме и го оставаме на идните генерации. Со посветена работа ја унапредуваме секоја педа од нашата општина“, изјави градоначалникот на Дебрца, Златко Сиљаноски.


