Саат-кулата во Охрид три столетија го мери времето
Саат-кулата во Охрид три столетија го одбројува времето. Вековниот споменик раскажува различни приказни.
Изградена во 1726 година, таа е жив сведок на историјата на Охрид, кој низ вековите бил дел од различни цивилизации, култури и настани.
Историчарите посочуваат дека токму ваквите објекти ја даваат препознатливоста на градот, но и неговиот идентитет. Во времето кога часовниците не биле достапни за сите, кулата била центар на секојдневието – место од каде граѓаните го организирале својот живот.

„Навистина мора да се потенцира дека одбележувањето на јубилеј од 300 години значи дека самиот објект е од голема важност, особено за еден историски град како што е Охрид. Низ временскиот континуитет, од антиката, средниот век, па до Османлиската империја, имаме огромен број споменици, но како една грандиозност се издвојува кулата што го мери времето, односно Охридската сааткула. Таа е изградена во 1726 година, што значи дека во 2026 година одбележуваме 300 години”, вели доц. Никола Митровиќ Бабе.
Саат-кулата, освен што го означувала времето, имала и други функции низ историјата. Во одредени периоди служела и како стражарница, што дополнително ја нагласува нејзината улога во градскиот живот.
-Мора да се потенцира дека како донатор, односно како човек кој ја изградил, се споменува Сулејман ага. Документите укажуваат дека во одреден временски период кулата била и стражарница и внатре се чувале пушки. Постојат и голем број интересни легенди поврзани со нејзината изградба. Причината за градбата, според легендата, е излекувањето на болната ќерка на еден локален бег, кој подоцна одлучил да изгради кула што ќе го покажува времето”, вели Митровиќ.

Според народното предание, легендата за изградбата на Саат-кулата зборува за локален бег чија ќерка била тешко болна. Откако една билкарка успеала да ја излекува, бегот сакал да ѝ се оддолжи.
Се сетил на нејзиното прашање „колку е часот”, на кое тогаш немало точен одговор, па решил да изгради кула што ќе го покажува времето за сите.
Особено интересно е и тоа што начинот на мерење на времето се менувал низ годините. Првично, времето се одредувало според заоѓањето на сонцето, што било карактеристично за османлискиот период.
„Тоа значи дека времето се мерело според заоѓањето на сонцето, односно тогаш започнувал новиот ден.Со текот на времето, особено по Првата балканска војна, започнува современото мерење на времето. Постоеле и идеи, на пример да се емитува песната ‘Билјана платно белеше’, но тоа не било реализирано.Денес, ѕвоното што се слуша е копија на камбаната подарена од Михајло Пупин, а интересен факт е дека во 7 часот наутро се слуша кукурикање на петел кое го означува часот”, објаснува доц. Никола Митровиќ Бабе.

И покрај бројните промени и оштетувања низ историјата, Саат-кулата успеала да ја задржи својата функција и симболика. Денес таа е туристичка атракција и културен белег на Охрид, која секојдневно привлекува посетители.
Ѕвоното на Саат-кулата, денес најстарата во земјава. и понатаму одекнува, потсетувајќи дека времето минува. „За функционирањето на механизмот веќе две децении се грижи охриѓанецот Борис Упевче, кој волонтерски го одржува часовникот.


