Skip to main content

До крајот на 2027-ма младите во Охрид ќе го добијат толку посакуваниот Младински културен центар

Потенцијалот на објектот и просторот во поранешната касарна е огромен и младите со нетрпение ја очекуваат неговата трансформација во Младински културен центар.
 |  Маја Савиќ  | 

Поранешната армиска менза во рамки на касарната „Михајло Апостолски“ ќе се адаптира во функционален и репрезентативен Младински културен центар. Руинираниот објект кој се простира на површина од 1062 м² ќе се реконструира во современа сала за културно – уметнички, забавни и научни настани.

„Сала која што ќе биде мултифункционална,каде што ќе може да се одржуваат концерти,театарски претстави,изложби,саеми…Значи се она што на Охрид во изминатиов период му беше потребно,би требало таа нова институција „Младински културен центар“,кога ќе се заврши таа постапка да овозможи не само за граѓаните на Охрид,туку и како туристичка понуда во делот на културата“. – вели Јоне Станкоски – Сектор за јавни дејности Општина Охрид.

На Охрид одамна му е потребен ваков простор за слободно изразување на младите, за дружење, размена на идеи, место за творење, промовирање и стимулирање на креативноста, вели Јован Цветкоски, раководител на Младинскиот центар. Тој посочува дека Охрид како град на културата нема затворена концертна сала, нема голема галерија, изложбен простор, кои би ги задоволувале стандардите на уметниците. Потенцијалот на објектот и просторот во поранешната касарна е огромен и младите со нетрпение ја очекуваат неговата трансформација.

Ова би било еден момент каде што тоа што недостига во градот би требало да го најдат тука, да можат модуларно да се менуваат според потребите на на активностите и настаните. Има голем простор и надвор летна сцена. Имаме во центарот летна сцена која што петнаесет години е нефункционална, така што се надеваме дека тука ќе се направи и ќе има функционална летна сцена, така што тргнуваме од основниве потреби кои што се на младите и на уметниците и културните работници и потоа може да се прават многу големи работи и национални и интернационални фестивали, музички, филмски и театарски. Да доаѓаат луѓе тука да сликаат, да работат, да се дружат, да се социјализираат и да градат една локална сцена која што пак ќе се поврзува и со светски уметници. Зошто да не? “ – вели Јован Цветкоски – раководител на Младински центар Охрид.

Во тек е распишан конкурс за идејно архитектонско решение за реконструкција и адаптација на постојниот објект во младински културен центар. Конкурсот завршува на петнаесетти мај , а резултатите ќе бидат објавени најдоцна до септември годинава.

Кога ќе се донесе одлука за избор на идејно решение ќе се пристапи кон добивање на основен проект за младинскиот културен центар, така да во текот на две илјади дваесет и шеста година очекуваме да заврши таа цела целокупна постапка од добивање на документација, а во две илјади дваесет и седма година да се пристапи кон реконструкција и адаптација на овој простор и конечно да го добиеме младинскиот културен центар во Охрид. “ – вели Станкоски.

Идејното решение и основниот проект ќе покажат колку ќе чини комплетната реализација на објектот со просторот околу него кој ќе биде преуреден во летна сцена, каде што во иднина ќе можат да се одржуваат и поголеми манифестации.