Охридската Библиотека го одбележа Светскиот ден на литературата за деца
Со промоција на приказните за деца „Тапшин танана“ од Божана Атанасова денеска НУ Библиотека „Григор Прличев“ се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на литературата за деца.
-Овој ден е посветен на магијата на зборот, на бајките што нè водат во светови полни со фантазија, добрина и поука, и на сите автори кои со својата имагинација го збогатуваат детството. Литературата за деца има посебна вредност – таа не само што забавува, туку и воспитува, учи и инспирира. Преку бајките, децата ги откриваат разликите помеѓу доброто и злото, учат за храброст, пријателство, љубов и правда, изјави Христина Трпеска, директор на Библиотеката.

Роднокрајната авторка Божана Атанасова е родена 1944 година во село Лактиње и по струка е медицинска сестра во пензија. Автор е на книгите „Митуш“ ( 2013) , „Водици“ ( 2016) , „Талкачи по виножитото“ ( 2016), „Во приквечерината“ ( 2021) и „Низ прозорецот“ издадена 2022 година. Тоа значи дека има долг пишувачки стаж, но далеку од очите на медиумите и јавноста. Иако најголемиот дел од книгите на еден или друг начин допреле до охриѓани а и пошироко.
Приказни од книгата „Тапшин танана“ читаше библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска, а беше прочитана и светската порака во чест на денот на книгите за деца годинава напишана од авторка од Кипар.

Пред бројната публика почитувачи и пријатели на авторката на промоцијата присуствуваа и над 30 ученици од подрачното училиште „Григор Прличев“ во населбата Рача. Свој настап имаа и младите интерпретаторки Анамарија Нестор и Стефани Крстаноски кои отпеаа песни од минатогодишното „Распеано рибарче“.


