Во Охрид започна првиот Социо-здравствен саем
Недостиг на лекови и помагала, административни пречки и долгото чекање за прегледи и интервенции се најчестите проблеми со кои се соочуваат пациентите. Дел од граѓаните се недоволно информирани и имат недоверба кон институциите, што дополнително го отежнува пристапот до здравствена заштита.

Ова беше истакнато на првиот Социо-здравствен саем што од денес се одржува во Охрид, а има за цел да ги доближи институциите, здравствените работници и пациентите.
„Често слушаме дека не можат да остварат право на нега, инвалидска пензија, дека има административни бариери. Но, од разговорите што ги водевме изминативе месеци, мислам дека најголем проблем е и стравот, како и предрасудите кон институциите. Граѓаните често велат дека системот не функционира, дека нема лекови или помагала, но кога ќе ги прашаме дали побарале помош – најчесто не го направиле тоа“, вели Димче Каневче од Здружението на дијабетичари Охрид.

„Понекогаш се случува да недостасува одредена група на лекови и тогаш пациентите имаат проблем со лекувањето, а голем предизвик е и цената на лековите.С ега Фондот на здравство најави одредено намалување на цените на одредени категории лекови кои што пациентите многу често и користат и се навистина потребни “, вели д-р Кристина Митреска.
Преку панел-дискусии со лекари специјалисти и отворени разговори за хронични заболувања и ментално здравје, се очекува да се надминат бариерите на релација здравство – пациенти.

„Аптеки „Виа – Фарм“ како општествено одговорна компанија го поддржуваме овој настан. Целта е да се зголемат знаењата поврзани со здравството и да се приближат мерките што им стојат на располагање на ранливите категории“, вели Марица Баткоска, сопственичка на аптеки „Виа Фарм“ организатор на саемот.

„Целта на овие настани е да се истакне колку е важно менталното здравје. Без стабилна ментална состојба не можеме да бидеме здрави – тоа е тесно поврзано со физичкото и духовното здравје“, изјави Ристана Николоска сопственичка на советувалиште за ментално здравје „Психонаутика“.
На социо-здравствениот саем учествуваат околу 20 здравствени установи, компании и организации, како и лекари и здруженија на пациенти.

Новинар Соња Рилковска


