Пет одличја за охридските стрелци на Државното првенство со воздушно оружје-меѓународна програма
5 одличја за охридските стрелци на Државното првенство со воздушно оружје-меѓународна програма, што изминатиот викенд се одржа во новиот национален тренинг центар во салата Наум Наумоски-Борче во Скопје
Старо нов државен првак во дисциплината воздушен пиштол во категорија јуниори е Климент Мостро од ЖСК ,,Лихнидос“ со резултат кој што е далеку под неговите можности -527 кругови. Нашиот јуниор Иван Милевски, член на СК ,,Охрид“ за жал поради повреда не зеде учество на ова Државно првенство. Најновиот член на ЖСК ,,Лихнидос“ Антонио Златкоски имаше свој дебитантски настап за клубот, се пласира на 4-тата позиција со резултат од 492 круга. И вториот член на СК ,,Охрид“ Никола Тодороски не настапи на ова првенство.
Кај јуниорките на пиштол по успешниот настап во квалификациите, имаше значителен пресврт во финалето.
Наталија Савеска од ЖСК ,,Лихнидос“ во основниот дел беше второпласирана со резултат од 526 круга, за да во финалето испадне како 5-то пласирана. Вицешампионска титула за Стефанија Велјаноска од СК ,,Охрид“ која по квалификациите со резултат од 524 круга и пласман на третата позиција, во финалето успеа да се искачи едно место погоре и да се закити со сребрен медал.
Стефани Савеска од ЖСК ,,Лихнидос“ во квалификациите се пласира на 5-тата позиција со резултат од 521 круг, за да во финалето се спушти едно место подолу, односно заврши како 6-то пласирана. Големо изненадување направи Милица Кочовска од ЖСК ,,Лихнидос“ која по квалификациите на 6-тата позиција со резултат од 503 круга во финалето успеа да се искачи на третата позиција и се закити со бронзен медал.


Младите Теодора Мицкоска и Ана Мостро во квалификациите се пласираа на 10-тата односно 11-тата позиција и за жал не успеаја да обезбедат пласман во финалето.
Кај сениорите на пиштол Даниел Михајловиќ од ЖСК ,,Лихнидос“ во квалификациите се пласира на 4-тата позиција, но за жал во финалето поради недостаток на време и не испукани дијаболи, испада во првиот круг и заврши на осмата позиција. Велибор Балоски, Светлан Седмаков и Ацо Сарафиноски од истиот клуб се пласираа на 9-тата, 11-тата, односно 21-та позиција.
Кај сениорките на пиштол, Валентина Гоџоска од ЖСК ,,Лихнидос“ заврши како третопласирана со резултат од 512 круга, со директен пласман од основен дел, бидејќи немаше доволен број на натпреварувачки за одржуавање на финале.


Кај јуниорите на пушка Јован Баулоски од СК ,,Охрид се пласира на 11-тата позиција, додека Балоски Кристијан на 12-тата позиција. Марко Трпески и Андреј Серафиноски за кои ова е прв настап се пласираа на 16-тата, односно 20-тата позиција. Кај јуниорките на пушка Теодора Спироска од СК ,,Охрид“ во основниот дел со 584,1 круг се пласира на 5-тата позиција, за да по завршување на финалето се пласира на третата позиција и се закити со бронзен медал. Младата и амбициозна Тамара Кичеецод ЖСК ,,Лихнидос“ во квалификациите се пласира на 6-тата позиција, додека Драгана Локоска на 8-та позиција. За жал во финалната борба за медал, и двете немаа среќа па се пласираа на 6-тата односно осмата позиција. И за Ана Баулоска од СК ,,Охрид“ немаше пласман меѓу најдобрите во финале, па заврши како 12-то пласирана.
За неполн месец дел од стрелците треба да настапат на традиционалниот меѓународен Турнир во организација на стрелачкиот клуб ,,Санел“ од Сандански


