Сè повеќе охридски семејства на работ на сиромаштија – 900 бараат помош од Црвениот крст
Околу 900 семејства во охридскиот регион живеат на работ на сиромаштија и секојдневно се борат да ги задоволат основните животни потреби. Со растот на цените и економската неизвесност, сè поголем број граѓани се обраќаат за помош до Црвениот крст Охрид.
Инфлацијата и глобалната економска криза дополнително ја влошуваат состојбата, а според хуманитарните организации, бројот на социјално загрозени лица е во постојан пораст. Станува збор за семејства кои сè потешко обезбедуваат храна, лекови и основни услови за живот.

„Да, за жал, имаме нагорна линија. Секоја година има нови семејства кои доаѓаат. Не можам да кажам дека е огромен број, но станува збор за околу 900 семејства во Охрид кои бараат помош од Црвениот крст.“, вели Мимоза Ставрева секретар при Црвен крст Охрид.
Во вакви услови, донациите и хуманоста на граѓаните стануваат клучни за опстанок на најранливите категории. Црвениот крст апелира на солидарност и поддршка, нагласувајќи дека секоја помош – без разлика колку е мала – значи многу.
„Како што реков, би сакала да има што помалку потреба од донации, но кога ќе се појави потребата – да се приклучат сите: граѓаните, фирмите и институциите, во зависност од ситуацијата. Да се приклучат и како волонтери, бидејќи и волонтирањето е еден вид донација.“додава Ставрева.

Охриѓани се хумани, донираат и активно се вклучуваат во хуманитарните акции. Најчесто се донира половна облека, мебел, но согласно потребите граѓаните активно се одзиваат.
-„Можам да кажам дека охриѓани отсекогаш биле и сè уште се хумани, солидарни граѓани и секогаш има сенс кога се работи за донации.Најчесто се донира половна облека, мебел, храна, средства за хигиена, како и парични средства кога станува збор за одредени хуманитарни акции.“ „Секогаш кога станува збор за здравствена состојба, особено кај деца, никогаш не сме имале проблем со одзивот. Но, би сакала да имаме помалку такви акции, а повеќе да сме насочени кон социјално ранливите категории.“ додава Ставрева.
Од организацијата потенцираат дека потребите растат од ден на ден, а хуманитарните акции се единствениот начин да се ублажи социјалниот притисок врз најзагрозените.
Новинар Соња Рилковска


