Skip to main content

Библиотеката „Григор Прличев“ донираше книги во охридскиот Кардиолошки центар

По реновирањето на Одделот за рехабилитација болницата работи на отворање на посебно библиотечно катче, кое ќе придонесе за потопла и попријатна атмосфера во болничкиот простор.
 |  инфодеск  | 

По повод 7 Април – Светскиот ден на здравјето, директорката Христина Трпеска заедно со библиотекарите Бети Лазеска-Симоноска и Милчо Јованоски од НУ Библиотека „Григор Прличев“ го посетија ЈЗУ Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

При посетата, на директорката д-р Билјана Теговска и дел од нејзиниот тим им беа донирани 60 книги, кои претходно биле донирани во библиотеката, со цел да се поттикне отворање на интерна библиотека во болницата. Станува збор за романи и драми од охридски автори, како и од познати македонски писатели.

Заблагодарувајќи се во име на болницата, сегашните и идните пациенти, д-р Теговска истакна дека годишно низ Одделот за рехабилитација поминуваат околу 1000 пациенти, на кои книгите ќе им помогнат квалитетно да го исполнат своето слободно време.

Таа додаде дека по реновирањето на одделот, болницата работи на отворање на посебно библиотечно катче, кое ќе придонесе за потопла и попријатна атмосфера во болничкиот простор.