Општина Охрид е најуспешна во државата во однос на примена на системот за интегритет
Општина Охрид има најдобри резултати и се наоѓа на првото место во рамки на Извештајот од спроведено следење на примената на системот на интегритет за 2025 година кој го објави Државната комисија за спречување на корупција.
-Воспоставувањето на системот за интегритет ги опфаќа обврските што претставуваат основа за функционална имплементација: анализа на институционалните потреби, мапирање и процена на ризици од корупција, донесување интерни правила и уредување на клучните области (судир на интереси, подароци, укажување, транспарентност, итн.), се посочува во извештајот.

Во извештајот кој беше објавен во март годинава Општина Охрид има исполнителност од 87,87 % и е во категоријата „Многу добра усогласеност“ и предничи пред останатите општини во оваа категорија.
–Овој резултат претставува највисоко постигнување на Општина Охрид во однос на примената на системот за интегритет во споредба со претходните години, што укажува на континуирано унапредување на институционалните капацитети и доследна примена на механизмите за интегритет, велат од Општина Охрид.
Во рамки на мониторингот за 2025 година, анализата ја опфати примената на системот за интегритет во 44 единици на локалната самоуправа (ЕЛС) кои доставија податоци преку електронскиот прашалник и за кои беше извршена валоризација согласно утврдената методологија на ДКСК. Опфатот на општините обезбедува релевантен пресек на состојбата во системот на локалната самоуправа и овозможува анализа на институционалната зрелост во однос на примената на механизмите за интегритет на локално ниво.
Инаку, проценката, се однесува на степенот на исполнетост на обврските во трите клучни сегменти на системот за интегритет: воспоставување на систем за интегритет, спроведување на мерките и механизмите, и следење и известување за неговата примена.


