Skip to main content

Ново спортско искуство за деца во Охрид, започнува Школа за голф на теренот во поранешна касарна

Програмата е наменета за почетници и вклучува совладување на основите на голфот, правилата на игра и спортската етика. За децата кои ќе се запишат во школата за голф е обезбедена комплетна опрема, без дополнителни трошоци, а часовите ќе ги држат искусни тренери.
 |  Маја Савиќ  | 

Во Охрид започнува школа за голф наменета за деца на возраст од 10 до 15 години, која нуди едно поинакво спортско искуство за најмладите. Часовите ќе се реализираат на првиот и единствен голф терен во Македонија, во поранешната касарна во Охрид, каде младите ќе имаат можност да учат и тренираат на свеж воздух во мирна атмосфера, опкружени со природа и зеленило.

Програмата е наменета за почетници и вклучува совладување на основите на голфот, правилата на игра и спортската етика. Преку тренинзите, децата развиваат и физичка издржливост, координација и способност за стратешко размислување, вели инструкторот Јордан Зиврев.

Тука имаме фокусираност, имаме фер плеј, физичка активност, имаме активности кои се умствени, како фокусираност, размислување, упорност. Така да, во голфот ние ги имаме сите тие работи oд кои детето ќе има бенефити. Значи, голфот е џентлменски спорт. Голфот е начин на однесување, лајфстајл. Голфот ќе им помогне на децата да се изградат во една индивидуа која ќе биде спремна да биде конкурентна во ова време. Значи спремна физички и спремна интелектуално. А друго што е добро, гледаме дека овој спорт е на отворено. Околу нас е убава природа, тивко место каде ќе понудиме едно дружење, една физичка активност и се надевам дека децата ќе бидат задоволни од сето тоа што ќе го направиме. “- вели Зиврев.

За да се промовира школата за голф и да се доближи овој спорт до младите, Голф Клуб Охрид организираше едукативни презентации. Денеска, на голф теренот, учениците од четврто и петто одделение на ОУ „Кочо Рацин“ се запознаа со голфот на интерактивен и забавен начин, користејќи безбедна и сертифицирана опрема. Учениците беа љубопитни и позитивно реагираа на спортот кој досега немале можност да го видат во живо.

Вакви промотивни презентации се одржаа засите основни училишта во Охрид и од Голф Клубот се задоволни од интересот на учениците и благодарни за соработката оддиректорите на установите и наставниот кадар.

Заинтересираноста беше многу голема. Љубопитноста исто така. Децата беа фокусирани, што е добро. Знаеме дека голфот ни нуди такви можности за дечињата, а друго, имавме многу прашања затоа што голфот е нешто ново кај нас, а старо во светот триста години. Значи после триста години дојде и во Охрид во Македонија. И да, презентациите поминаа како што очекувавме. Има заинтересирани деца, деца кои сакаат да бидат дел од оваа школа и се надеваме дека за бргу ќе дојдат и ќе бидат присутни на овој терен и ќе ја спроведеме таа обука која ја нудиме. “ – вели Зиврев.

За децата кои ќе се запишат во школата за голф е обезбедена комплетна опрема, без дополнителни трошоци, а часовите ќе ги држат искусни тренери. Предвидени се и турнири, сертификати и награди за најуспешните. Организаторите од Голф Клуб Охрид посочуваат дека ова е можност децата да поминуваат повеќе време на отворено, во тивка и здрава средина, далеку од секојдневниот метеж и дигиталниот свет.