CNN: Македонија скриен бисер во Јужна Европа
Американскиот медиум CNN ја вброи Македонија меѓу дестинациите што заслужуваат поголемо внимание од туристите, истакнувајќи ја како скриен бисер во Јужна Европа.
Во својата рубрика CNN Travel, медиумот наведува дека иако повеќето туристи се насочуваат кон популарни земји како Франција, Шпанија и Италија, Европа нуди многу повеќе за истражување.
Македонија е опишана како „драматично планинска дестинација“, северно од Грција, со импресивни природни пејзажи, бујни зелени падини, планински врвови. Посебно внимание се посветува и на разновидната кујна, која се менува од регион до регион и нуди богати вкусови.
CNN ја издвојува и поволната клима во земјата, која придонесува за производство на квалитетен и сочен зеленчук, како и за развој на лозарството и производство на богати вина. Овој вид промоција може значително да придонесе за афирмација на Македонија на светската туристичка мапа.
Статијата е илустрирана со фотографија на Св. Јован Канео над Охридското Езеро, една од нафотографираните цркви на Балканот и најпрепознатливите визуелни симболи на Македонија и пошироко.


