Регионална средба на службите за планинско спасување во Охрид
Во периодот од 17 до 19 април, Охрид ќе биде центар на регионалната соработка во областа на планинското спасување, како домаќин на значајна средба на службите кои се редовни членки на ICAR – International Commission for Alpine Rescue. Настанот ќе обедини претставници на водечките служби од регионот, со цел унапредување на професионалните стандарди, зајакнување на партнерствата и координацијата, како и размена на современи практики и искуства во справување со предизвиците во планинското спасување.
Домаќин на средбата е Националниот Сојуз за Планинско Спасување на Македонија, кој ќе ги претстави своите активности, развојни насоки и тековни иницијативи насочени кон јакнење на националниот систем за спасување. Во рамки на програмата, на учесниците ќе им бидат презентирани и капацитетите и оперативната подготвеност на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид, како и заедничките проекти што се реализираат во насока на развој и унапредување на планинското спасување во државата.

Целта на средбата е продлабочување на меѓусебната соработка, размена на искуства и знаења, иницирање и планирање на заеднички регионални проекти, како и усогласување на ставови и политики од заеднички интерес во рамките на ICAR.
На средбата ќе присуствуваат раководствата на следните организации од регионот: Национален Сојуз за Планинско Спасување на Македонија, HGSS – Hrvatska gorska služba spašavanja, Gorska reševalna zveza Slovenije, Savez gorskih službi spašavanja u BiH, Gorska služba spašavanja Federacije BiH, Горска служба спасавања Србије, Gorska služba spašavanja Crne Gore, Shërbimi i Kërkim-Shpëtimit Malor i Kosovës, Shërbimi i Kërkim-Shpëtimit Malor i Shqipërisë.
Ова е трета регионална средба по ред, по првата одржана во Хрватска во 2024 година и втората во Словенија во 2025 година, на која беше потпишан и регионален договор за соработка. Со овој договор се предвидува службите да се состануваат најмалку еднаш годишно, со цел континуирано јакнење на регионалната координација и унапредување на стандардите во планинското спасување.


