Skip to main content

Охрид ја збогатува културната понуда со нови фестивали, содржини и летни сцени

За 2026 година, Општината бележи најголем буџет досега издвоен за култура. Со нејзина поддршка се реализираат 126 проекти, а вкупниот број на настани, вклучително и оние во организација на општината, надминува 300. Понудата опфаќа содржини за сите возрасти, со посебен фокус и на најмладите.
 |  инфодеск  | 

Општина Охрид преку програмата за култура и годинава посебен акцент става на оние традиционални манифестации коишто се одржуваат години наназад, но и воведува нови содржини коишто во иднина треба да ја збогатат туристичката, односно културната понуда на градот.

„Оваа година морам да го најавам Фестивалот на креативни индустрии којшто во Македонија ќе биде трет од ваков вид, односно втор, бидејќи првиот е како вид на саем, а тука ќе се поддржат од друг аспект други уметности на коишто досега не се ставило акцент како културна дејност, архитектура, проектанство, дизајн, мода, адвертајзинг, маркетинг дигитален, уметност на новите медиуми, медиумската писменост и многу други, што е според мапирањето на креативните индустрии. Исто така, новитет, во тој фестивалски концепт е и Арт фестивалот, бидејќи Охрид како град кој го има Вангел Наумоски или Јордан Манасиевски треба да има еден ваков фестивал, каде што ќе се вклучат не само уметниците од Охрид, академските сликари, туку и дечињата, се со цел нивната креативност да дојде до израз уште од најмали нозе. – вели Весна Јованоска од Одделението за културa во Општина Охрид.

За 2026 година, Општината бележи најголем буџет досега издвоен за култура. Со нејзина поддршка се реализираат 126 проекти, а вкупниот број на настани, вклучително и оние во организација на општината, надминува 300. Понудата опфаќа содржини за сите возрасти, со посебен фокус и на најмладите.

„Со воведувањето на проектот „Културата расте со децата за сите деца, тоа е концепт смислен да секој петок има културна содржина бесплатна од Општина Охрид, на која што дечињата заедно со родителите имаат можност не само да бидат публика, туку и активни чинители во самата театарска претстава, работилница, промоција на книга или било што. И да, наиде на голема радост, проектот го прифатија сите, од образовните институции, самите деца и родителите кои што веќе со душа чекаат да дознаат што е, што имаме како понуда нареден петок. “ – вели Јованоска.

Дел од културните настани се организираат на автентични локации, со што дополнително се нагласува нивната симболика и значење, како Прличевите беседи во спомен куќата на Григор Прличев, чествувањето за Христо Узунов се органицира во неговата родна куќа, а вечерите на Живко Чинго во неговото родно место.

Културните манифестации не само што го збогатуваат општествениот живот во градот, туку придонесуваат и за негова туристичка промоција. Во таа насока, локалната самоуправа ќе поддржува настани на препознатливи и атрактивни локалитети.

„Лично јас сметам дека не се доволно промовирани, а секој турист, односно секој кој ќе дојде да го посети градот Охрид оди на најрепрезентативните места, ги имаме локалитетот Манчевци, кој што исто така претставува како едно една локација за одржување на настани. Го имаме Лапидариумот кој што е целосно реконструиран и со нов лик, каде што ние како општина ќе ги поттикнеме можеби и останатите да ги организираат своите настани таму, со цел поголема промоција на самото културно наследство, односно на самиот локалитет. По примерот на другите светски земји. – вели Јованоска.

Во наредниот период, Охрид ќе добие и нови летни сцени. Планирана е реконструкција на постојните кај поранешната касарна, плоштадот Вангел Наумоски и сцената кај трговскиот центар „Амам“. Со нивната обнова и уредување, градот ќе добие дополнителни простори за организирање културни настани, што ќе придонесе за уште побогата и поразновидна културна понуда.