Стотина учесници од „Охрид трчаТ“ по четврти пат на Белградскиот маратон
На иницијатива на Почесниот конзул на Република Србија во Охрид, стотина маратонци од „Охрид трчаТ“ по четврти пат ќе бидат дел од Белградскиот маратон.
Целта на оваа иницијатив, која прерасна во традиција е културно и спортско сплотување на двата народа, како и дополнителна промоција и поврзување на двете значајни спортски манифестации.
„Голема радост и чест ми претставува, како почесен конзул на Република Србија во Република Северна Македонија, повторно да се заложиме нашата најголема спортска манифестација и регионален бренд „Охрид трчаТ“ да биде претставен во Белград, со логистичка поддршка и соработка од директорот Дарко Хабуш, кој ни овозможува значајни бенефити за присуство на нашите натпреварувачи, како и промоција на „Охрид трчаТ“ на спортското експо со сопствен штанд. Со тоа овозможуваме дружење преку спортот и го негуваме духот на изреката „во здраво тело – здрав дух“.– изјави Михајло Филев, почесен конзул на Р. Србија со седиште во Охрид.
На Белградскиот маратон и годинава ќе има и Eкспо саем каде ќе се промовираат трките од целиот регион. На него се очекува да продефилираат повеќе од дваесет илјади посетители, а Охрид ТрчаТ, со брендиран штанд ќе го промовира градот Охрид со цел да се привлекуваат што повеќе туристи.
– „Белградскиот маратон е еден од најголемите спортски настани во Југоисточна Европа и во текот на трите дена од Експото, од четврток до сабота, ќе продефилираат над 20.000 учесници. Очекуваме и нашиот штанд да го посетат повеќе од 20.000 луѓе. Не само што вршиме промоција, туку очекуваме и зголемен број учесници на нашето издание од 5 до 7 јуни. Очекуваме раст не само од Србија, туку и од целиот регион. Минатата година имавме значителен број учесници од Србија, а оваа година очекуваме тој број дополнително да се зголеми, како и учесници од многу други држави.“, истакна Јоне Станкоски од Охрид ТрчаТ.
„Ние од самиот почеток се обидовме да изградиме мост на пријателство со трки кои се на високо организациско ниво и кои можат да придонесат за она што ние го работиме, но и за развојот на охридската заедница. Белградскиот маратон уште од самиот старт ни беше таргет и, на наше особено задоволство, имаме одлична соработка. Дополнително, со поддршката од почесниот конзул Мишо Филев, таа соработка е уште поцврста. Верувам дека во иднина ќе се развива уште повеќе.“- рече Иван Цветкоскиод Охрид ТрчаТ.
Спортот ги урива границите и ги зближува народите, а учеството на охридските маратонци на Белградскиот маратон претставува продлабочување на соработката и отворање нови можности за идни заеднички активности.


