Струга ги повикува граѓаните на јавна дебата за состојбите со водата, отпадот и долговите
Општина Струга најавува јавна дебата за состојбите со управувањето со водата и отпадот,поради сериозните проблеми со кои се соочуваат локалните заедници. Од Општината посочуваат дека затекнале илјадници евра долгови кон ЕВН, јавни претпријатија и други субјекти, но и, како што наведуваат, „неприфатлива реалност“ на загадена животна средина, контаминирана вода и нечистотија во населените места. Особено алармантна е состојбата со долговите за електрична енергија, главно за пумпите на канализациските и водоводните системи. Во селото Долгожда, обврските достигнуваат над 15,5 милиони денари (околу 254.000 евра), додека во Мислешево, Франгово, Боговиње и Поум тие изнесуваат над 506 илјади денари (околу 8.300 евра). Во тек е и разгледување на состојбата во јавното претпријатие во Октиси.
Дополнително, од Општината укажуваат и на сериозен проблем со отпадот, нагласувајќи дека има локации со натрупан цврст отпад, како и канали и потоци затрупани со урбан отпад.
„Вака повеќе не може да се продолжи“, велат од Општина Струга.
Во таа насока, најавуваат дека во блиска иднина ќе се организира отворена јавна дебата со граѓаните и локалните претставници, на која ќе се разговара за подобрување на управувањето со водоснабдувањето, прекинување на паушалните плаќања, зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија и воспоставување нови стандарди за заштита на животната средина.


