Во петок ќе се одржи Општински натпревар по прва помош
Во рамки на своите активности и јавни овластувања во делот на првата помош Црвен крст Охрид на 17.04.2026 г. (петок) во периодот од 8-15 ч., под мотото „ПРВАТА ПОМОШ СПАСУВА ЖИВОТИ“, ќе го организира традиционалниот, 52-ри по ред Општински натпревар по прва помош. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.
И оваа година на општинскиот натпревар по прва помош ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока, натпреварувачите, но и посетителите на овој настан, на повеќе пунктови низ централното подрачје на градот Охрид, вклучувајќи го Кеј Македонија, Билјанини Извори и други, ќе бидат сведоци на симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид.
За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 20 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.


