Skip to main content

Во петок во Охрид ќе се одржи информативна сесија „ФЕР АНГАЖМАН” за Законот за работно ангажирање на лица

Информативната сесија ќе се одржи во Општина Охрид (сала на Совет), со почеток во 10:00 часот.
 |  инфодеск  | 

На 17-ти април 2026 година (петок), со почеток во 10:00 часот, во Општина Охрид (сала на Совет), ќе се одржи информативната сесија „ФЕР АНГАЖМАН”, посветена на примената на Законот за работно ангажирање на лица.

Настанот се организира во рамки на кампањата „ФЕР АНГАЖМАН”, како дел од проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Република Северна Македонија”, кој го спроведуваат Центарот за истражување и креирање политики и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.

Целта на сесијата е да обезбеди јасни и практични информации за примената на Законот за работно ангажирање на лица, како и за придобивките што ги нуди за работниците и работодавачите.
Во рамки на настанот ќе бидат презентирани клучните аспекти на Законот, категориите
лица кои можат да бидат работно ангажирани, нивните права и обврски, како и
презентација на електронскиот систем за пријава и одјава (е-Работа).