Македонска пошта доби 100 нови товарни возила за поквалитетни поштенски услуги
Македонска пошта доби 100 нови товарни возила, од кои 90 се пикапи и 10 комби, со цел да се подобри ефикасноста и квалитетот на поштенските услуги. Малите возила се со носивост од 750 кг, додека големите се со носивост од 1.800 кг и ќе помогнат многу во забрзувањето на доставувањето на пратките, што е основната дејност на Пошта. Набавката е вредна 104 милиони денари.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и директорот на Македонска пошта, Орхан Куртиши, ги промовираа новите возила. истакна дека ова е значаен чекор кон модернизација на институцијата, чиј возен парк досега бил застарен.

Тој најави и дополнителни инвестиции, вклучително и нов софтвер и современа сортирка, со цел зголемување на ефикасноста, намалување на трошоците за 15% и подобрување на профитабилноста.

Од Владата нагласуваат дека целта е Македонска пошта да стане конкурентна и модерна јавна услуга, која ќе обезбедува квалитетна и достапна испорака на пратки до сите делови на државата.


