Skip to main content

Д-р Анастас Коцарев постхумно одликуван со Орденот „Илинден 1903“

Коцарев, роден во Охрид во 1890 година, бил пионер на радиотерапијата и радиографијата, соработник на Марија Кири и активен поддржувач на македонската кауза преку студентски и политички друштва во Швајцарија и Франција.
 |  Маја Савиќ  | 

На свечена церемонија во Скопје, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го одликува д-р Анастас Коцарев со Орденот „Илинден 1903“ за неговиот исклучителен придонес во медицината и борбата за независна Македонија.

Коцарев, роден во Охрид во 1890 година, бил пионер на радиотерапијата и радиографијата, соработник на Марија Кири и активен поддржувач на македонската кауза преку студентски и политички друштва во Швајцарија и Франција.


Претседателката истакна дека признанието е повеќе потребно на државата отколку на самиот Коцарев и дека тој е симбол на спојот меѓу науката и патриотизмот.

-Со оваа постхумна награда и со обележјето на куќата во која што е роден ќе го вратиме Анастас Коцарев дома. А Охрид ќе добие уште еден великан, -рече претседателката.

Од името на семејството, Соња Коцарева Трпезановска изрази гордост што по долго време му се оддава почит на светски признат научник и патриот. Таа информира дека орденот ќе биде отстапен на музејот во Охрид заедно со негова фотографија со оригинален потпис.

-Се надевам понатака државата ќе направи напори за негово конечно враќање во Македонија во неговиот сакан Охрид, каде секоја година достоинствено ќе чествуваме, кажа таа.
Коцарев починал на 28 март 1931 година во Париз, а неговото последно почивалиште се наоѓа на Старите општински гробишта во париската општина Бонди.

Орденот „Илинден 1903“ е високо државно одличје што се доделува за исклучителни заслуги во борбата за национално ослободување, изградба на државноста и општествениот развој, и може да се додели и постхумно.