Skip to main content

За десетина дена започнува изградбата на катната гаража во Охрид

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков и со општинската администрација, на која се дискутираше за бројните инфраструктурни проекти во Охрид.
 |  инфодеск  | 

Охрид конечно го решава проблемот со паркирањето. За десеттина дена започнува изградбата на катната гаража во градот. Објектот ќе се гради на просторот на Градскиот пазар, ќе биде со пет ката и ќе обезбеди околу 200 паркинг места. Со катната гаража ќе стопанисува ЈП „Градски пазар“.

Овој капитален проект, кој со години беше меѓу најголемите барања на охриѓани, се очекува значително да го олесни паркирањето и да го намали сообраќајниот метеж во центарот на градот.


„Она што долго време го очекуваа граѓаните, без исклучок – според сите јавни испитувања на мислењето, врвен приоритет беше катната гаража во изминатите десет години. Затоа, сакам да информирам дека во рок од десет дена успешно беше спроведен тендерот и официјално започнува изградбата на катната гаража во Охрид“, изјави градоначалникот Кирил Пецаков.

Пред почетокот на туристичката сезона, во тек е и реконструкцијата на плоштадот Чинар.


„Она што за нас е најбитно е динамиката и рокот на изведба. Од она што го гледам на терен и како се одвиваат активностите, очекуваме пред почетокот на сезоната да имаме нормализирана состојба и повторно воспоставен нормален пристап и за граѓаните и за сите посетители на Охрид. Тоа и беше наша цел како локална самоуправа“, додава Пецаков.

Министерот за локална самоуправа оствари средба со градоначалникот на Охрид и со општинската администрација, на која се дискутираше за бројните инфраструктурни проекти со поддршка од Владата.


„Главен фокус на средбата што ќе следи ќе биде ставен на започнатиот процес во делот на предлог-измените на Законот за меѓуопштинска соработка, кој претставува суштинска алатка за овозможување на таканаречена заедничка администрација. Тоа значи дека поразвиените локални самоуправи ќе можат поадекватно да им помогнат на општините кои имаат потреба од ваков вид поддршка во делот на администрацијата. Од наша страна ќе бидат презентирани и мерките и можностите што ги нуди ресурсниот центар, како во делот на пренос на знаење и експертска помош што ја ставаме на располагање на општините, така и во сите останати сфери во кои ресурсниот центар обезбедува помош и поддршка за општините“, рече министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Општина Охрид денес е финансиски стабилна и продолжува со инвестиции во инфраструктурни проекти за поквалитетен живот на граѓаните.