Средба Перински – Пецаков: Фокус на инфраструктурни проекти, одржлив туризам и поддршка на јавните претпријатија
На работната средба на министерот за локална самоуправа Златко Перински со градоначалникот Кирил Пецаков, членовите на Советот и општинската администрација се разговараше за тековни и идни проекти во Охрид.
Градоначалникот Пецаков истакна дека локалната самоуправа веќе има реализирано и добиено значајни проекти во соработка со Министерството, кои придонесуваат за развојот на општината. Преку двата јавни повици за финансирање на инфраструктурни проекти во општините, Владата на Општина Охрид и одобри 24 проекти во вредност од над 9 милиони евра.

„Разговаравме за многу значајни проекти за коишто во минатото сме се обврзале заеднички да ги работиме, сме аплицирале како локална самоуправа, пред се во она што претставува поддршка на јавните претпријатија и нивен нормално развој, што за нас е значајно и по однос на опрема и по однос на возила, но и на сето она кое што претставува приоритет на самите јавни претпријатија. Секако дека ние како локална самоуправа имаме заедно со Министерството и аплицирано, но и добиено доста проекти коишто и за нас лично значеле како, како локална самоуправа и секако работиме на туристички производи коишто ќе претставуваат дополнително позитивна презентација на Општината Охрид во сите оние идни активности коишто за нас ќе се потребни. “– изјави Кирил Пецаков – Градоначалник на Охрид
Министерот Перински кажа дека се разговарало за конкретните предизвици, но и за решенијата кои веќе се реализираат на терен. Охрид започна со реализацијата на проектот AdvenTour II во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Република Грција, со вкупен буџет за општината од 187.685 евра. Со овој проект, Охрид се позиционира како пример за модерен, инклузивен и одржлив туризам со пристапна инфраструктура и содржини за сите, вклучително и за лицата со попреченост. Преку Програмата за рамномерен регионален развој, обезбедена е конкретна поддршка за јавното комунално претпријатие преку нова опрема за побрза детекција и санација на дефекти во водоводната мрежа.

Министерот нагласи дека Охрид е финансиски стабилна општина која активно инвестира во инфраструктурата, што директно влијае на квалитетот на живот на граѓаните.
„Секако се отвори и темата за можноста во делот на апликација на меѓуграничната соработка за коешто Министерството за локална самоуправа е одговорно. Она што го слушнав од градоначалникот навистина ми импонираше. Општина Охрид е финансиски стабилна општина, општина која што инвестира во инфраструктурата, што е основа за овозможување на поквалитетен живот на граѓаните. Сега ќе имаме можност да поразговараме и со општинската администрација, секако и со советниците како креатори на локалните политики, затоа што на тој начин оцениме дека, најдобро и наједноставно можеме да креираме законски решенија кои што соодветствуваат согласно потребите на граѓаните, но и согласно потребите на општинарите, општинската администрација која што треба да ги имплементира сите овие мерки и проекти. “– изјави Златко Перински – Министер за локална самоуправа.
Посетата е дел од караванот „Каде што срцето е дома“ на Министерството за локална самоуправа, чија цел е преку директна комуникација со локалните власти и администрацијата, поефикасно да се креираат законски решенија усогласени со реалните потреби на општините.



