Skip to main content

Охрид во чест на д-р Анастас Коцарев

Во годината кога се одбележуваат 95 години од смртта и 136 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев, светски познатиот научник и патриот, денеска во Охрид беше откриена спомен-плоча на неговата родна куќа.
 |  Маја Савиќ  | 

Во годината кога се одбележуваат 95 години од смртта и 136 години од раѓањето на д-р Анастас Коцарев, светски познатиот научник и патриот, денеска во Охрид беше откриена спомен-плоча на неговата родна куќа. Спомен-обележјето заеднички го открија неговата внука Соња Коцарева Трпезаноска и градоначалникот Кирил Пецаков. Коцарев, роден во Охрид во 1890 година, е еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата, соработник на нобеловката Марија Кири и активен поддржувач на македонската кауза во Европа. За неговиот исклучителен придонес во медицината и борбата за независна Македонија, вчера постхумно му беше доделен орденот „Илинден 1903“ од претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Денес стоиме тука пред куќата во која се родил доктор Анастас Коцарев. Охриѓанец, патриот и светски признат лекар онколог кој иако краток својот живот го посветил на науката и преку своите патриотски дела се вградил во борба на македонскиот народ за своја држава. Како што веќе знаете, вчера во Скопје во претседателската вила Водно беше доделено државно одликување Орден Илинден 1903 на доктор Анастас Коцарев, а денес тука во Охрид го откриваме ова споменобележје на неговата родна куќа. Како фамилија упатуваме срдечна благодарност кон Комисијата за одликување и на претседателката Сиљановска Давкова за овој грандиозен чин, а денес таа благодарност ја упатуваме и на господинот Кирил Пецаков за неговите исклучителни заложби за заштита и афирмација на ликот и делото на доктор Анастас Коцарев. Исполнети сме со радост и гордост што присуствуваме на овој настан и што конечно на заборавиниот Анастас Коцарев му се оддава почест во неговиот роден Охрид и полагаме надеж дека еден ден тој ќе се врати во Охрид, каде секоја година достоинствено ќе го чествуваме. “– изјави Соња Коцарева Трпезаноска.


Во рамки на одбележувањето, во музејот „Куќата на Робевци“ беше изложен орденот „Илинден 1903“, заедно со единствениот портрет со оригинален потпис од Коцарев, донирани од неговото семејство. Конечно сме сведоци дека на заборавениот Анастас Коцарев му се дава музејско претставување во неговиот роден град и полагаме надеж еден ден тој да се врати во Охрид, а со тоа ќе се збогати милениумската и непресушна историја на вечниот наш Охрид, порачаа од семејството.

Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека изминативе години се работи на афирмација на ликот и делото на Анастас Коцарев, нагласувајќи го неговото значење не само за науката, туку и за Македонија. Тој посочи дека поставувањето на спомен-плочата е дел од поширок процес, во кој тој лично е инволвиран и кој ќе продолжи со нови иницијативи со цел Коцарев трајно да остане во колективната меморија.

Иницијативата од семејството и од здружението Заборавени Македонци, коешто ќе биде доставено до Општина Охрид за именување на значајни места, улици, булевари и плоштади во самиот град со неговото име, односно со доктор Анастас Коцарев, јас ќе ја прифатам, ќе ја доставам до самиот Совет и она што го започнавме како идеја и односно што го дадов како идеја пред две и пол, три години, скоро со самата реконструкција на плоштадот Чинар некако самото ќе се поклопи и плоштадот Чинар во Охрид ќе биде преименуван во доктор Анастас Коцарев, така што ќе завршиме една приказна која што сме ја отпочнале. Но тука не застануваме. Продолжуваме, здружението Заборавени Македонци со работата поврзано со собирање на материјали, документи, писма и така натаму поврзани со Коцарев, така и ние со нашата работа, односно кога ќе кажам ние мислам јас како градоначалник на Охрид и семејството каде што ја почнавме иницијативата за префрлање на неговите мошти од Париз, општина Бонди во општина Охрид. Меѓутоа тоа е процес. Здравје тековно ќе видиме каде ќе одиме, меѓутоа ние нема да престаниме со нашата иницијатива. Е, тогаш мислам дека ќе бидеме комплетни. “– изјави градоначалникот Пецаков.

За Завод и Музеј Охрид претставува чест и гордост да биде домаќин и чувар на значајните експонати поврзани со ликот и делото на Анастас Коцарев, во прекрасната куќа на Робевци, истакна директорот Горан Патчев.

Чествувањето и сеќавањето на нашиот сограѓанин не само што ја збогатува нашата национална историја, но и туристичката понуда на градот. За оние кои се интересираат за нашата богата историја и основ за понатамошно проучување на животот и делото и негова валоризација за идните генерации. Со ова се збогатува списокот на плејада познати охриѓани од периодот на преродбата на Охрид и тоа во најнепосредно соседство, што е интересен факт, почнувајки од гемиџијата Бошнаков, војводите Методи Патчев, Христо Узунов, па понатака Коста Абраш, Григор Прличев, кои ја формираат таканаречената патека на великани, која е на растојание од само 350 метри. Јас ве уверувам вас ќе се грижиме и негуваме и ќе го збогатуваме сеќавањето на докторот Атанас Коцарев и понатака. “ – изјави Горан Патчев, директор на НУ Завод и Музеј Охрид.


Семејството на Коцарев и здружението „Заборавени Македонци“ се заблагодаријаза поддршката на Општина Охрид, НУ Завод и Музеј и порачаа дека и понатаму ќе ја збогатуваат оваа збирка за доктор Анастас Коцарев и ќе го чуваат споменот за него како света реликвија.