Skip to main content

Стартуваше 52-от општински натпревар по прва помош

Почетокот го означи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца.
 |  инфодеск  | 

Утринава, Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков го означи почетокот на 52-от Општински натпревар по прва помош кој под мотото „ПРВАТА ПОМОШ СПАСУВА ЖИВОТИ“ во организација на Црвен крст Охрид се одржува денес во Охрид.

На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.

И оваа година на општинскиот натпревар по прва помош ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока, натпреварувачите, но и посетителите на овој настан, на повеќе пунктови низ централното подрачје на градот Охрид, вклучувајќи го Кеј Македонија, Билјанини Извори и други, ќе бидат сведоци на симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид.

За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 20 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.