Skip to main content

„Фер ангажман“- нови можности за сезонска и повремена работа, Законот за работно ангажирање на лица презентиран пред охриѓани

Во Општина Охрид денеска се одржа инфо сесија на тема „Фер ангажман“, на која пред претставници од бизнис секторот, особено од хотелско-угостителската дејност, беше презентирано новото законско решение за работно ангажирање на лица.
 |  инфодеск  | 

Во Општина Охрид денеска се одржа инфо сесија на тема „Фер ангажман“, на која пред претставници од бизнис секторот, особено од хотелско-угостителската дејност, беше презентирано новото законско решение за работно ангажирање на лица.

Настанот беше насочен кон актуелните предизвици со кои се соочуваат работодавачите, особено во туризмот и угостителството, каде потребата од брзо и флексибилно ангажирање работна сила е сè поизразена. Присутните имаа можност да се информираат за поедноставените процедури и новиот пристап кој треба да го намали административниот товар и ризиците од неформално вработување.

Со Законот за работно ангажирање на лица се воведува систем кој овозможува формализирање на краткотрајните ангажмани од сезонска и повремена природа. Преку надградениот систем е-Работа, работодавачите ќе имаат обврска да ги пријавуваат и одјавуваат ангажираните лица, со што се обезбедува поголема транспарентност и законска усогласеност.

Законот ги уредува условите за ангажирање, правата и обврските на работодавачите и ангажираните лица, како и начинот на пресметка и плаќање на даноците и придонесите, вклучително и пензиско и инвалидско осигурување, како и дополнително здравствено осигурување во случај на повреда при работа.

Особен акцент е ставен на секторите каде ваквиот тип на работа е најчест, земјоделството, угостителството и домашните услуги, со цел да се намали сивата економија и да се воведе ред во досега нерегулираните форми на ангажман.

Како што беше истакнато на инфо сесијата, најголемата придобивка од ова законско решение е можноста за т.н. „фер ангажман“ – односно вклучување на различни категории граѓани, како пензионери, студенти, ученици, вработени, самовработени, невработени и корисници на социјална помош, без притоа да ги изгубат своите стекнати права.

Со новиот модел, ангажираните лица ќе добиваат работен стаж, додека истовремено ќе ги задржат правата како што се пензија, стипендија или социјална помош, што претставува значаен чекор кон поголема социјална сигурност и формализација на пазарот на труд.

Претставниците на бизнис секторот ја поздравија иницијативата, оценувајќи дека ваквите решенија се особено важни за градови како Охрид, каде сезонската работа игра клучна улога во економијата.