„Општински семафор 2026“ – младост, дружење, едукација и награди
Со цел подигнување на сообраќајната култура кај најмладите, во Охрид се одржа сообраќајно-едукативниот проект „Општински семафор 2026“, во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Општинскиот совет за детско престапништво.

Настанот беше насочен кон едукација на децата и младите за правилно и безбедно учество во сообраќајот, преку теоретски сообраќајни тестови и практичен дел на сообраќаен полигон поставен на кеј „Македонија“, каде учениците ги демонстрираа своите вештини во управување велосипед. Се одржа и сообраќаен квиз за средношколци и симулациска показна вежба за прва помош.

На свеченоста по повод доделувањето на наградите и благодарниците, пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој упати честитки до учесниците и организаторите.

„Совладувањето на сообраќајните вештини и учењето на сообраќајната култура од најрана возраст претставува исклучително важна работа за безбедно и правилно учество во сообраќајот за сите учесници. Ја користам оваа прилика да упатам честитки на организаторите на манифестацијата, која од година во година со нови содржини и форми ќе ја направи манифестацијата попопуларна кај најмладите за нивно секако учество на истата. Верувам дека и оваа година совладувањето на новите вештини и знаења ќе придонесат за уште поефикасно и побезбедно вклучување во сообраќајот на нашите деца“, кажа Пецаков.

Во категоријата средни училишта, првото место го освои тимот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, второто место му припадна на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, додека третото место го освои тимот на ОСУ „Св. Климент Охридски“.
Кај основните училишта, најдобар беше тимот на ОУ „Живко Чинго“, второто место им припадна на учениците од ОУ „Григор Прличев“, а третото место го освои тимот од ОУ „Ванчо Николески“ од Лескоец.



Организаторите ги наградија и најдобрите ликовни и литературни творби кои пристигнаа на конкурсот по повод оваа манифестација, а целиот настанот кој измина во прекрасна атмосфера на дружење и забава беше заокружен со хуманитарна аукција на најдобрите ликовни дела.



