Skip to main content

Уапсен поренешниот претседателот на ФФМ за проневера од 700.000 евра доделени од УЕФА за поддршка на фудбалот и изградба на трибина во Охрид

Сејдини беше избран за в. д. претседател на Фудбалската федерација на Македонија во март 2019, а претходно беше претседател. Во 2021 беше избран за претседател на редовно собрание.
 |  инфодеск  | 

Утрово е уапсен Мухамед Сејдини, поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Според првичните информации тој се сомничи за проневера на 700.000 евра пари од УЕФА доделени на ФФМ за поддршка и изградба на трибина во Охрид. Постапка отворило Скопското јавно обвинителство.

-Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија  за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинитеел, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек, информираат од Јавното обвинителство.

Според првичните сознанија, Сејдини се доведува во врска со финансиски малверзации во висина од околу 700.000 евра, средства кои УЕФА ги доделила за инфраструктурен проект во Охрид, конкретно за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“. Наводите за неправилности излегле на површина по промените во раководната структура на федерацијата, по што случајот бил проследен до надлежните органи. Дополнително, поранешниот функционер неодамна се најде под дисциплинска санкција, двегодишна суспензија поради, како што беше наведено, измама и доведување во заблуда на Управниот одбор.

Од федерацијата претходно информираа дека, иако првично била прифатена понуда за изградба без обврска за авансно плаќање, подоцна бил склучен договор со изменети услови. Во него, спротивно на одлуката, бил вметнат аванс од 20%, кој бил исплатен без банкарска гаранција и без соодветно одобрение.