Ќе се уредува Самоиловата тврдина
На Самоиловата тврдина започнува изградба на две нови гледалишта за изведување претстави – сцени што ќе ја збогатат понудата на Охрид и фестивалот „Охридско лето“. Министерството за култура и туризам годинава обезбеди средства и за уредување на тврдината, со патеки, информативни табли и илуминација, како и за археолошки истражувања.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, потенцираше дека институцијата останува цврсто посветена на системска грижа за културното наследство, како значаен ресурс за развој на културниот туризам и за афирмација на државата на меѓународно ниво.
„Со тоа ќе ја возобновиме традицијата за одржување на театарски претстави, концерти и други културни настани, а токму тука се содржи и нејзината самоодржлива компонента. Како што најавив, ова ќе биде една од сцените што ќе може да ја користи ‘Охридско лето’. Пред 20 години тука се одржувале театарски претстави, во кои и јас сум учествувал како средношколец, а подоцна и како студент“, изјави Љутков.

Во годината кога Завод и музеј – Охрид одбележува 75 години од постоењето, во годишната програма за заштита на недвижното културно наследство се издвоени 11.520.000 денари за реализација на значајни проекти.
Директорот на Завод и музеј – Охрид, Горан Патчев, истакна дека оваа година институцијата располага со еден од најголемите буџети досега.
„Оваа година добивме еден од најголемите буџети – над 13,5 милиони денари, од кои повеќе од 11 милиони се наменети за заштита. Како што беше спомнато, меѓу позначајните проекти се Самоиловата тврдина и локалитетот Манчевци. Сепак, реализираме и над 30 други проекти во областа на музејската дејност, меѓународната соработка, европските интеграции и инвестициските активности“, рече Патчев.
Министерот Љутков нагласи дека заштитата, промоцијата и презентацијата на Охрид и Охридската споменична целина, која е дел од светското културно и природно наследство, претставува врвен приоритет за Министерството за култура и туризам.
новинар: Соња Рилковска


