Гала концертот насловен „Љубов“ ќе го отвори 66 издание на Охридско лето
Гала концертот насловен „Љубов“ со светски оперски имиња ќе го отвори 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Во текот на фестивалските денови предвидени се 48 настани, со учество на илјадници уметници од земјава и странство. Публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма составена од врвни музички, драмски и балетски остварувања, како и четири џез вечери со учество на реномирани музичари.
–Особена чест ни е што ова Свечено отворање го доверуваме на уметници од врвот на светската оперска елита. Под диригентската палка на маестро Марко Боеми од Италија, со настап на големата оперска дива Ермонела Јахо од Албанија и светски реномираниот тенор Чарлс Кастроново од Соединетите Американски Држави, во придружба на Оркестарот на Националната опера, ќе ја почувствуваме моќта на музиката во нејзината највозвишена форма, истакна директорот на фестивалот „Охридско лето“ – изјави Ѓорѓи Цуцковски.

Богатата програма се очекува и годинава да донесе бројни странски посетители, исто како и лани кога беа продадени рекорден број карти.
–Особено сум горд што минатогодишното издание на „Охридско лето“ беше обележано со рекордна посетеност и рекордна продажба на билети во последните 10 години, што претставува јасен показател за довербата во квалитетот на фестивалската програма. Над 10.000 посетители беа дел од гледалиштата на шеесет и петтото издание на музичко-сценската манифестација „Охридско лето“. Според евиденцијата на купени влезници имаше публика од над 30 држави од сите континенти. Овие резултати не се значајни само за фестивалот, туку имаат и пошироко влијание врз развојот на туризмот, придонесувајќи за зголемена посетеност на градот како и дополнителна промоција на Охрид како атрактивна културна и туристичка дестинација, додаде Цуцковски.

Според министерот Љутков, станува збор за програма која внимателно ги спојува традицијата и современите уметнички текови, нудејќи доживување достојно за угледот на Фестивалот кој над шест децении претставува симбол на уметничкиот и културен континуитет.
–„Охридско лето“ не е само сцена, тоа е сведоштво за нашата посветеност кон културата како двигател на општествениот развој и како вредност што не обединува.Годинава, програмата што ја подготвија селекторите нуди исклучително богат и разновиден репертоар. Ќе имаме можност да проследиме настапи на врвни домашни и светски уметници од областа на музиката, театарот и сценските уметности. Посебен акцент е ставен на квалитетот, иновативноста и внимателно конципираната програмска целина.Фестивалот и оваа година ќе ги оживее најубавите сцени во Охрид: Античкиот театар, црквата „Света Софија“ и други уникатни простори кои самите по себе се дел од културното наследство. Токму таа синергија меѓу уметноста и амбиентот го прави „Охридско лето“ неповторливо доживување, рече министерот за култура Зоран Љутков.
Со ваква разновидна и внимателно селектирана програма, фестивалот оваа година опфаќа вкупно 48 настани, со учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот, што дополнително ја потврдува неговата меѓународната димензија и позиција на културната мапа.
Новинар Соња Рилковска


