Во среда ќе се одржи Мултикултурен настан и Отворен ден во ОСУ„Св. Климент Охридски“
Под мотото „Да живееме едни со други, а не едни покрај други“ охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ на 29 април со почеток во 12 часот во дворот на училиштето организира голем мултикултурен настан и Отворен ден.
–Овој настан ќе биде и Отворен ден на Гимназијата каде посетителите ќе имаат одлична можност да се запознаат со наставниот процес, работата и функционирањето на училиштето. Ќе се слуша музика и ќе се пеат песни на повеќе јазици, а уметничките и едукативните активности ќе бидат застапени преку цртање, сликање, јазични игри, научни експерименти и интерактивни содржини од различни области, се вели во соопштението од Гимназијата.
Инаку, додаваат и дека настанот ќе понуди и креативни изработки инспирирани од математиката, физиката и хемијата, запознавање со историски личности, филозофски мисли, како и можност за „патување“ низ различни култури и образовни искуства, вклучително и програмата Еразмус+. Сето тоа е одраз на знаењата и вештините кои учениците ги стекнуваат во текот на наставата.
-Овој настан претставува одлична можност да се претставиме пред идните ученици, нивните родители и пошироката јавност, како и да го најавиме месец мај како продолжение на кампањата Отворени врати на Гимназијата. Ги покануваме сите основци и нивните родители да нѐ посетат, да се запознаат со наставниот процес, да присуствуваат на часови и да поразговараат со учениците и професорите, додаваат од ОСУ„Св. Климент Охридски“.



