Засилени контроли во туризмот, можност за воведување туристичка полиција
Наместо домашни, странски туристички водичи ја искривуваат историјата. Дополнителен предизвик е непријавувањето на туристите, со што се избегнува плаќање туристичка такса и данок на остварени приходи од закуп. Бројот на регистрирани станоиздавачи во Охрид е во пораст, но дел од нив работат во сивата зона.
Надлежните велат контролите се интензивираат.
„Имаме служба во одделението за инспекциски надзор, туристички инспектори кои излегуваат на терен и вршат контрола над нивното работење. Исто така и полицијата има право на контрола и проверка, но секако останува и на самите станоиздавачи да ги прикажат приходите од туристичка такса“, вели Кифни Усеини, раководител на сектор за туризам
На државно ниво се разгледуваат и нови решенија за справување со сивата економија во туризмот. Една од можностите е воведување туристичка полиција, која ќе го засили надзорот на терен.
„Предвидено е туристичката инспекција да има поголеми овластувања во делот на инспекцискиот надзор, како што е случајот со инспекцијата при Министерството за култура и туризам. Во однос на туристичка полиција, имаме отворено повеќе прашања и направено анализи“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам
Во Охрид се регистрирани вкупно 3700 приватни станоиздавачи. Во последниот квартал општината од туристичка такса инкасирала 330 илјади денари.
Новинар Соња Рилковска



