Поскапуваат услугите од јавните претпријатија во Охрид, за власта економски оправдано и неопходно, опозицијата критикува за антисоцијални мерки
Поскапуваат услугите на јавните претпријатија Нискоградба, Билјанини извори Градски гробишта и Охридски комуналец. Мнозинството во градскиот Совет на денешната седница ги изгласаа одлуките со кои се зголемуваат цените. Опозицијата со критика дека се носат антисоцијални мерки кои се на товар за граѓаните на Охрид и дека недостасуваат мерки за долгорочна економска ефикасност и одржливост на јавните претпријатија. За владејачкото мнозинство и раководните лица на јавните претпријатија поскапувањето на надоместокот за одредени услуги е економски оправдано поради поскапувањето на горивата, репроматеријалите, како и зголемувањето на минималната плата.

„Поскапувањата се движат од 30% па нагоре, па така паркингот поскапува за 30%, гробарината за 50%, а комуналните услуги исто така за 30%. Сите овие услуги кои ги нудат јавните претпријатија спаѓаат во таканаречените режиски трошоци кои паѓаат директно на товар на граѓанинот, рече советникот од СДСМ, Јане Тодороски.
„Ова поскапување е второ по ред некаде за две до три години. Значи пред две три години мислам дека имаше вакви поскапувања на дел од јавните претпријатија и сега одиме со уште едно поенормно поскапување. Јас сфаќам дека горивата поскапуваат, дека имаат инфлација во оваа држава, иако некои не сакаат да признаат. Меѓутоа сигурно ниту поскапувањата, ниту инпутот кој што влегува во јавните претпријатија не е со триесет, педесет проценти поскапување. Наместо да се оди кон рационализација на вработувања, да се зголемува продуктивноста, наместо да се изнајдуваат нови начини за прилив на средства со дополнителни дејности или зголемување на дејностите, најлесниот начин е да се поскапи дваесет, триесет, педесет проценти, “- рече советникот од ВМРО-НП, Ванчо Костоски.

“Сметам дека не постои никаква основа дополнително да се оптеретуваат граѓаните со вакви антисоцијални мерки, а особено поразително е дека платата била основа за поскапување на услугите кои ги нудат јавните претпријатија, односно локалната самоуправа која е сервис на граѓаните и кои се формирани исклучиво за остварување на дејноста за нивниот јавен интерес. Ќе ја искористам оваа прилика јавно да се извинам пред граѓаните на град Охрид за овие непопуларни мерки кои јасно е дека мнозински ќе бидат усвоени, колку и остатокот да бидеме против.“ посочи советникот од СДСМ, Иван Димкоски.
„Да ги известиме граѓаните од сега натаму ќе плаќаат наместо 1000 денари по 1500 денари за гробарина…Ниту зголемувањето на минималната плата, ниту пак вложувањето во инфраструктурата не е изговор за толку многу високи покачувања. Никако не можеме да се согласиме со овие поскапувања кои се на штета на џебот на охриѓани..И во иднина немој да ги пишувате одлуките како предлог за измена на ценовник туку напишете предлог за покачување на цените на тоа, тоа и тоа, да знаат граѓаните.” – посочи советничката од СДСМ, Лидија Неданоска.

Според секретарот на Општина Охрид, Александар Китески покачување на цените е реално и неопходно. Тој ја обвини опозицијата за популизам, бидејќи на оваа седница биле загрижени за покачувањето на цените, а од друга страна, на минатите седници биле загрижени за субвенционирањето на јавните претпријатија и за тоа да не се бркаат работници.
„За да останат работниците и да се покриваат трошоците кои што се реални во јавните претпријатија при услови на покачени цени на горива и на репроматеријали мора да ги коригираме цените. Ние не коригираме цени секој месец. Се соочуваме во јавните претпријатија со скоро дупло зголемување на износите за исплаќање на плати, зголемени трошоци за нормално функционирање на јавните претпријатија. Од друга страна се залагате вие да намалиме со субвенционирање, значи да има што помалку субвенции преку Општина Охрид, да не остане никој без работа, а сега сте толку загрижени за некое покачување кое што гледаме да е минимално и да не е големо оптеретување за граѓаните. Треба да сме рални кога има потреба од покачување. Граѓаните ќе проценат сами дали е ова реално оправдано или е нереално и неоправдано “ рече Китески.
На денешната седница на Совет беше изгласана и одлука за зголемување на цената на такси превозот во Охрид.


