Маханизацијата на ЈП „Охридски Комуналец“ ќе се префрли во поранешната касарна
Механизацијата на ЈП „Охридски Комуналец“ ќе се префрли во поранешната касарна, откако Советот на Општина Охрид на вчерашната деветта седница ја изгласа одлуката за отстапување на недвижен имот на користење на претпријатието. Советничката Лидија Неданоска реагираше дека просторот во старата касарна не е соодветен за ваква намена, посочувајќи дека во непосредна близина се наоѓаат ООУ „Кочо Рацин“, младински центар, здруженија за лица со посебни потреби, како и спортски и рекреативни содржини.
„Сметам дека доколку таму се стационира оваа механизација нема да биде безбедна во однос на сообраќај, ќе ја загадува околината. Тука ќе биде и адреналинскиот парк и од тие причини сметам дека улиците коишто сега ќе се асфалтираат, се надеваме за брзо ќе се завршат и ќе бидат нови, не им е местото по нив да оди ваква механизација од причина што навистина сега касарната веќе добива еден нов лик и на вакви локации каде што има посебно деца и млади, не им е местото тука да бидат стационирани и оттука да одат после понатаму тие возила“, кажа Неданоска.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, истакна дека станува збор за објекти лоцирани на почетокот на поранешната касарна, кои се физички оддалечени од училиштето, младинскиот центар и останатите содржини, при што за комуналните возила ќе има посебен пристапен пат.
„Тоа се објекти кои што треба да се реконструираат, а и претходно се користеле како некој сервис. Таму имаа постоечки, сега тие се руинирани објекти, меѓутоа објекти со канали за сервис. Значи сепак се многу далеку физички одделени од училиштето, адреналинскиот парк и голф терените. Покрај ЈП „Охридски Комуналец“ во иднина планираме во овој дел да биде пренесена и охридската пожарна. Со оглед на тоа што веќе МВР работи проект за реконструкција на првата зграда ќе се префрла целосно таму. Ова што го даваме како локација на ЈП „Охридски Комуналец“ најпрво е и од причина што мора да се иселат од постоечкото место каде што се сега, механизацијата значи мора да оди во овој дел“, рече Китески.
Според најавите, старите згради на полициската станица, затворот и пожарната ќе бидат урнати, а локалната самоуправа планира на таа локација да изгради нов градски парк со подземен паркинг. Во таа насока ќе следуваат и измени на деталниот урбанистички план.


