Пуштена во употреба клучката Требеништа на автопатот Охрид–Кичево
Од денеска во употреба се пушта клучката Требеништа, со што се заокружува уште еден значаен сегмент од автопатот Охрид–Кичево.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, доцна синоќа извршија увид во градежните активности на терен.

Како што информираше Николоски преку објава на неговиот Фејсбук профил, работите на автопатот се одвиваат со засилена динамика, при што се користат и поволните временски услови за работа во доцните вечерни часови.

„Работите на автопатот Охрид–Кичево се одвиваат и во доцните вечерни часови, имајќи ги предвид поволните временски услови. Со тоа ја потврдуваме нашата решителност и посветеност автопатот да биде завршен во предвидениот рок“, напиша Николоски.
Тој додаде дека паралелно се работи и на изградба на споредните патишта, кои претходно не биле предвидени, со цел да се обезбеди поврзаност на сите населени места во регионот.


