Skip to main content

Започна изградбата на катната гаража, инвестиција од над 2 милиони евра

Денеска и официјално започна изградбата на Катната гаража до Градскиот пазар во центарот на Охрид. Капацитетот на катната гаража ќе биде околу двеста возила и истата ќе биде на пет нивоа. Следен проект на кој треба да му се посвети внимание во Охрид е Плаошник, порача претседателот на Владата , Христијан Мицкоски денеска од Охрид.
 |  инфодеск  | 

По повеќе години застој, ќе продолжи изградбата на локалитетот Плаошник. Ова денес го најави премиерот Мицковски. Годинава се издвоени скромни средства, но идната година ќе бидат обезбедени повеќе пари за рестартирање на активностите на Светиклиментовиот универзитет , со цел завршување на планираните содржини на еден од најважните културно-историски локалитети во земјава.

– Следен проект на кој треба да му се посвети внимание во Охрид е Плаошник, конечно да го завршиме тој проект. Почнат одамна за жал не бил во приоритетите на многу влади претходно. Оваа година одвоивме скромни средства но важно е да се доврши проектната документација и следната година многу поголема сума ќе издвоиме и ќе се излезе на терен  да се завршат активностите, вели премиерот Христијан Мицкоски.

-Охрид буквално во моментов е градилиште. Се спроведуваат и реализираат проекти кои, во комбинирано финансирање помеѓу Владата и локалната самоуправа, изнесуваат околу 15 милиони евра. Тоа е историски, би рекол, најголем инвестициски циклус во позитивното работење на Општина Охрид. Финансиската стабилност ни овозможува да реализираме и крупни проекти, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Денес официјално започна и изградбата на катната гаража во Охрид, еден од приоритетните проекти кој треба да го намали сообраќајниот метеж во главниот туристички центар.

-Морам да кажам дека предизвик беше усогласувањето на три различни режими на заштита. Едната е заштитата од УНЕСКО, втората е заштитата на културното наследство и третата е архитектонската заштита. Сите тие беа усогласени со поддршка од Општината, Завод и музеј – Охрид, Министерството за култура и сите надлежни институции, рече Александар Николоски, министер за транспорт.

Катната гаража е проект поддржан преку вториот повик на Владата за инфраструктурни проекти. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува над 2 милиони евра, а рокот за изградба е 18 месеци.

Новинар Соња Рилковска