Започнува уписот на првачиња во Охрид, изменета и реонизацијата на училиштата
Започнува уписот на првачињата за учебната 2026/2027 година, а законски обврзници се децата родени од 1 јануари до 31 декември 2020 година, односно оние кои до крајот на календарската година ќе наполнат шест години. По исклучок, можен е упис и на деца кои ќе наполнат шест години до 31 јануари 2027 година, по претходно барање од родител или старател и мислење од педагог или психолог.
Основните училишта во Охрид веќе ги објавија известувањата со детални информации за потребната документација и условите за запишување. Родителите треба да достават извод од матична книга на родени, копија од лична карта, медицинска потврда за примени задолжителни вакцини, како и потврди за офталмолошки и стоматолошки преглед. За деца со попреченост потребна е и соодветна проценка за дополнителна образовна поддршка. Уписот се врши лично во училиштата, секој работен ден од 7:30 до 13:30 часот, а рокот трае до 29 мај. Задолжително е присуство на детето, а без комплетна документација упис нема да биде возможен.
Во пресрет на уписите, Советот на Општина Охрид донесе нова одлука за реонизација, со која се утврдуваат подрачјата од кои се запишуваат учениците во основните училишта. На предлог на советникот Игор Јовески, изменет е реонскиот опфат на ОУ „Кочо Рацин“.
„Предлагам во делот на улица Железничка да се додаде и левиот дел од улицата, односно непарните броеви од еден до деведесет и девет. Ова е по барање на жителите од населбата, имајќи предвид дека новата локација на училиштето е најблиска и најсоодветна за овие ученици. Истовремено со ова ќе се изврши и усогласување и во точка три за Основно училиште „Братство и единство“ Охрид, каде овие броеви повеќе нема да бидат дел од нивниот реонски опфат. Со ова мислам дека се овозможува поправедна и пофункционална распределба на учениците од овој реон.“ – објасни Јовески.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, појасни дека при примена на новата реонизација ќе има разбирање за семејствата кои веќе имаат едно дете во одредено училиште.
„ Значи имаме сега нова одлука за реонизација. Добро е да знаете сите, ќе се сочиме можеби во периодот што следи, каде што одреден реон претрпел измена и доколку има случаи каде што веќе според старата реонизација едно детенце почнало на школа по старата одлука, а сега друго братче или сестриче треба да почне по новата, дека тука ќе најдеме на разбирање и нема стриктно да одиме по оваа реонизација, него секаде каде што има веќе едно дете што учи во тоа училиште од една куќа и да не дојде до негово пренесување, префрлање во новото училиште ќе има можност, ќе се дозволи другото детенце што сега ќе се запише да е во училиштето каде што ќе учи неговиот брат или сестра.“ – кажа Китески.

Советникот Арбен Демироски предупреди дека новата реонизација може да има негативни последици за ОУ „Братство и единство“.
„Сакам јасно да укажам дека со предложената одлука се нанесена конкретна штета на Основното училиште Братство единство. Со оваа измена на училиштето му се одзема цела улица од број еден до број деведесет и девет. Ова можеби на прв поглед изгледа како мала административна корекција, но во реалност има сериозни последици. Факт е дека во ова училиште се соочуваме со намален број на ученици. Во одделени паралелки имаме и по пет, шест деца. Во такви услови секое дополнително намалување значи директен удар врз опстанокот на паралелките, а понатаму и врз опстанокот на самото училиште.“ – кажа Демироски.
На тоа следеше реплика од секретарот Китески, кој посочи дека проблемот со бројот на ученици не произлегува од конкретната улица, туку од досегашната практика на запишување на децата од тој реон во училиштата „Св. Климент Охридски“, „Григор Прличев“ и „Христо Узунов“ . Тој нагласи дека во иднина нема да се дозволуваат отстапки од реонизацијата, што, според него, ќе придонесе за порамномерна распределба на учениците и стабилизирање на бројот на запишани во сите училишта.
Минатата година, образовниот процес во основните училишта на територијата на Општина Охрид го започнаа 422 првачиња.


